„Американската ортодоксна католичка црква“ започна процес на помирување со Грчката архиепископија

Американската оротодоксна католичка црква (АОCC) соопшти дека доставила документација до Грчката православна архиепископија на Америка, во јурисдикција на Цариградската Патријаршија, со што, според нејзините тврдења, формално го започнала процесот на помирување, единство и воспоставување црковно општење меѓу двете црковни структури.

Во соопштението објавено на Фејсбук, портпаролот на АОCC, свештеникот Дон Пердум, изрази задоволство поради доставувањето на документите и ги повика верниците да се молат за двете црковни јурисдикции додека работат на оваа иницијатива.

Најавата следува по јавните изјави во јуни и јули 2026 година за можноста за помирување меѓу двете организации. Прашањето привлече внимание во јуни, откако свештеникот на Грчката архиепископија, отец Самуел Дејвис, организираше екуменска молитвена средба во грчката православна црква „Свети Никола“ во Њујорк, на 19 јуни. На средбата учествуваа и клирици на АОCC, меѓу кои Вејн Даниелс и отец Дон Пердум. Подоцна, отец Самуел ја опиша средбата како поврзана со можноста за примање на АОCC во Православната црква.

Во јули, Синодот на АОCC објави соопштение во кое потврди дека разговорите со Грчката архиепископија продолжуваат, со едногласна поддршка од нејзините архијереи. Синодот го опиша процесот како канонски, пастирски и административен. Архиепископот Вејн Даниелс Јуниор за американската редакција на Сојузот на православни журналисти изјави дека двете страни работат на постигнување помирување и воспоставување црковно општење.

АОCC го заснова своето тврдење за историско потекло врз епископот Афтимиј Офиеш, кој се одвоил од канонската Православна Црква откако во 1933 година стапил во брак. Првичната организација подоцна престанала да функционира, додека нова група, која го користи името АОCC, била повторно регистрирана и основана во 2006 година, под раководство на нејзиното сегашно свештенство, предводено од клирикот Роџер Вилингем. И други организации тврдат дека имаат поврзаност со наследството на Офиеш.

Најновото соопштение потврдува дека документацијата е доставена, но нејзината содржина не е објавена. Исто така, не се наведени условите за кои се разговара, ниту е потврдено дали Грчката православна архиепископија ја прифатила иницијативата.

Извор: https://uoj.news/news/aocc-seeks-unity-with-greek-archdiocese/