Апел на украински пратеници до претседателот на САД за Украинската Православна Црква

Двајца украински пратеници, Олександр Дубински и Артем Дмитрук, испратија отворено писмо до претседателот на САД, Доналд Трамп, барајќи од него како услов за која било идна мировна спогодба за Украина да го постави запирањето на прогоните против Црквата.

Писмото, објавено на 12 август 2025 година, изнесува серија сериозни обвинувања за состојбата во земјата. Пратениците зборуваат за повеќе од 7.000 политички затвореници во Украина, изјавувајќи во нивно име дека „сета наша ‘вина’ од гледна точка на украинските власти е тоа што Го баравме Бога, што сакавме мир, крај на војната и почитување на Уставот“.

Исто така, пратениците велат дека режимот „сака да Го замени Бога“ и „да води вечна војна“. Посебен акцент се става на прогонот на Украинската Православна Црква, која ја опишуваат како најголемата православна црква во земјата и тврдат дека оваа Црква е ставена вон законот. Истовремено политичката опозиција е уништена, а слободата на говорот и печатот е задушена.

На друго место тие обвинуваат дека сите кои се спротивставуваат се гонат кривично или се подложени на „незаконски, насилни мобилизации“, кои станале средство за одмазда против новинари, адвокати, свештеници и блогери. Според двајцата политичари, доколку овие предуслови не станат основа на мирот, војната неизбежно ќе се повтори, бидејќи курсот кој доведе до неа ќе продолжи.

Самите пратеници се примери за прогоните што ги опишуваат. Конкретно, Олександр Дубински, пратеник од владејачката партија и популарен новинар, беше уапсен во 2023 година под политички обвиненија, откако упати критики кон властите, и сè уште се наоѓа во притвор.

Артем Дмитрук, пак, исто така јавно се изјасни против законот кој суштински ја забранува Украинската Православна Црква. Против него беше покренато кривично гонење, беше уапсен и брутално претепан. Успеа да избега во Обединетото Кралство, но украинските власти бараат негово екстрадирање. Дмитрук пријавил обиди за негово убиство и обиди за киднапирање на неговото семејство, директно обвинувајќи го украинското раководство за овие настани.

Во продолжение е целиот текст на овој апел.


Апел до претседателот Доналд Трамп од украинските политички затвореници

Почитуван претседателе Трамп!

Украинските политички затвореници Ви се обраќаат за помош. Ние – цивилните заложници на режимот на Зеленски – сме веќе повеќе од 7.000. Единствената наша „вина“, според владата на Зеленски и на судиите, е во тоа што повикувавме кон Бога, за мир, запирање на војната и спроведувањето на Уставот. Нашите вредности беа спротивни на пропагандата на Зеленски, кој сака да се стави на местото на Бога, да води вечна војна, никогаш да не одржува избори и да продолжи со беззаконието. Ние бевме избрани за мета, преку која властите на Украина се обидоа (и доста успешно) да ги заплашат другите, да ги натераат да замолчат, покажувајќи на нашиот пример што ќе им се случи на оние кои ќе се осмелат да ги бранат своите уверувања.

На тој начин беа дискредитирани не само поединци со углед и доверба во општеството. Вон законот беше ставена најголемата православна црква – „Украинската православна црква“, уништена е политичката опозиција, задушена е слободата на говорот и печатот. Сите неистомисленици беа подложени на прогони – или со кривични постапки, или со незаконска, насилна мобилизација, која стана средство за вонсудска пресметка и против новинари, и против адвокати, свештеници и блогери. Тие, кои Зеленски не успеа да ги „стигне“ на територијата на Украина, беа „наградувани“ со друг изум на демократска Украина – вонсудски санкции. Санкции кои, според законот, не можат да се применат против граѓани на Украина – но тука постои само еден закон – личната волја на полу-Наполеонот Зеленски.

Сепак, би било неправедно целата одговорност да се префрли само на него. Репресивната држава во Украина не би била можна без напорите на фондовите на Сорос и неговиот изведувач во Украина – Виктор Пинчук. Тие обезбедуваат медиумска поддршка и лобирање во интерес на Зеленски во и надвор од Украина. Со нивните заеднички напори во Украина е создадена атмосфера на страв. Од политичкиот и општествениот живот се отстранети сите кои се за мирна Украина и за алтернатива на вечната војна. Ова е направено со една едноставна цел – дури и ако Зеленски биде тргнат од власт, знамето на вечната војна со Русија веднаш ќе го преземе некој друг, бидејќи преку санкции и политички прогони политичарите со поинакво мислење се ставени надвор од законот и нема да бидат пуштени на избори.

Како што беше во Романија, како што беше во Франција, како што се случува сега во Молдавија. Глобалистите и евро-либералите се премногу добро подготвени за заминувањето на Зеленски – за тоа неговото заминување да не промени ништо во курсот на Украина, кој е антицивилизациски и милитаристички.

Единствениот начин да се промени овој курс е во условите на примирјето и на идниот мировен договор да се вгради задолжителен услов: ослободување на сите кои биле и се политички гонети во Украина, ослободување на сите кои властите на Украина ги обвинуваат за измислено „предавство“ (членови од 109 до 114 од Кривичниот закон), запирање на насилната мобилизација, престанок на прогоните на верниците и свештениците на Украинската Православна Црква, укинување на незаконските санкции на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина против сите без исклучок украински граѓани, и дозвола за правото да се избира и да се биде избран – за сите што имаат украински пасош.

Ако овие услови не бидат вградени во темелите на мирот, тогаш војната неизбежно ќе се повтори, и тоа во најкус можен рок – бидејќи ќе продолжи истиот курс што доведе до војната денес.

Извор: https://www.romfea.gr/ekklisies-ts/ekklisia-tis-oukranias/71339-ekklisi-oukranon-voulefton-ston-tramp-gia-tin-ekklisia