Бугарија става вето врз ЕУ санкциите против Рускиот патријарх

Бугарија е против симболични санкции против Русија, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова на 17 јуни 2026 година, известува Бугарската национална телевизија.

„Бугарската позиција е многу јасна – ние поддржуваме санкции кои имаат економски ефект, не им штетат на земјите-членки, туку ѝ штетат на државата што ја води војната и немаат симболичен карактер. Нашата основна цел е да се дојде до ситуација во која ќе можеме да водиме ефикасни преговори“ – објасни таа.

Министерката додаде дека пакетот санкции во моментов се разгледува на ниво на Европската Унија и дека многу држави имаат резерви, бидејќи документот сè уште не е во својата конечна верзија.

Петрова изјави:

„Постојат низа елементи што не ги поддржуваме – од една страна во енергетската сфера, со цел да се обезбеди енергетската стабилност на земјата, бидејќи има повеќе санкции што би можеле да имаат влијание во таа насока, а од друга страна се санкциите поврзани со Рускиот патријарх Кирил, кој во овој случај спаѓа во категоријата симболични санкции. Тие имаат потенцијал да бидат контрапродуктивни, бидејќи создаваат средина во која може да се води антиевропска пропаганда со тврдењето дека Европа се меша во црковните работи.“

Таа појасни дека санкциите предвидуваат ограничувања на финансиските средства на засегнатото лице.

„Не мислам дека ограничувањето на финансиските средства на рускиот патријарх во одредени банки ќе ја спречи неговата дејност, каква и да е таа“, рече Петрова.

Европската Унија повторно се обидува да го вклучи Московскиот и на цела Русија патријарх Кирил на листата на санкционирани лица. Во 2022 година ЕУ се обиде да воведе санкции против него, но Унгарија стави вето на одлуката.

Ставот на министерот Петрова подоцна, на 18 јуни, го потврди и бугарскиот премиер Румен Радев, кој додаде и дека „Руското православие има придонес за нашето ослободување од петвековното Отоманско ропство“. Тој дообјасни и дека Руската и Бугарската Црква се источноправославни, „ние сме едно семејство“ – заклучи тој. „Со што точно таков тип на санкции придонесуваат за крај на војната?“ – праша премиерот Радев пред новинарите во Брисел.

Извор: https://bntnews.bg/news/velislava-petrova-balgariya-e-protiv-simvolni-sankcii-sreshtu-rusiya-1398891news.html