Бугарија во еврозоната ќе пушти монети со православни светители и кирилично писмо

Бугарија се подготвува да влезе во еврозоната на 1 јануари 2026 година и ќе стане првата земја-членка на ЕУ што ќе пушти во редовен оптек евро монети со православни светители и со натпис на кирилично писмо.

Наместо политички или културни личности, Софија се определи за духовна симболика на своите монети. Монетата од 1 евро ќе го носи ликот на свети Јован Рилски, кој живеел во 9 и 10 век, основач на Рилскиот манастир. На монетата од 2 евра ќе биде прикажан свети Паисиј Хилендарски, кој живеел во 18 век и е клучна личност на бугарското национално будење.

Ова не е првпат ликови на светители да се најдат на евро-монетите. Имено, Словачка во 2013 година издаде комеморативни монети од 2 евра со ликовите на светите Кирил и Методиј, по повод 1150 годишнината од мисијата на словенските просветители во Велика Моравија. Тоа беше првиот случај православни светители да се најдат на евро-монета, иако не се работеше за редовни монети, туку за комеморативни. Набргу потоа, на барање на еврокомисијата, овие комеморативни монети мораше да бидат изменети така што беа тргнати ореолите на светителите од претставата.

Образложението за ваквата интервенција беше настојувањето монетите да имаат строго секуларен, не религиозен, изглед. Меѓутоа, потоа на евро-монетите се појавија ликови на римски папи, крстови, манастири и религиозни сцени, па сега претставата на православен светител на монетите се смета за прифатливо, со ореол. Истовремено, овие дизајни се претставени како „историско и културно наследство на бугарската држава“.

Првата православна земја што го усвои еврото беше Грција, во 2001 година. Но, Грција не се одлучи за религиозни претстави, туку избра теми од антиката и од поновата култура.

Бугарското влегување во еврозоната носи и уште една новина: официјално присуство на кириличното писмо на еврото. На монетите ќе бидат испишани зборовите „евро“ и „стотинки“, како и името на земјата „Бугарија“. На монета од 2 евра ќе стои и натписот „Боже, чувај ја Бугарија“, сето тоа на кирилица.

Извор: https://evroto.bg/en/news/165-the-bnb-governing-council-approved-the-revised-graphic-designs-for-the-bulgarian