Бугарија: Воведувањето на задолжителниот предмет религија засега се одложува

Бугарскиот министер за образование Красимир В’лчев изјави дека е речиси невозможно во рамките на овој парламентарен состав да бидат изгласани предложените од Министерството за образование и наука промени во образованието. „Шансите во рамките на овој парламент да бидат изгласани измени на Законот за предучилишно и училишно образование се никакви“ – изјави тој на 17 јануари 2026 година.

Министерот ја даде оваа изјава неколку дена по неуспешниот обид на Комисијата за образование во Народното собрание да го разгледа законскиот предлог во второ читање. Нејзината седница беше закажана за 14 јануари, но не се одржа поради преоптоварената програма на пратениците. Красимир В’лчев го повика следниот тим на Министерството за образование и наука да го продолжи започнатото и да се обезбеди континуитет во работата, нешто што и претходно се случувало.

Меѓу предлозите за измени на Законот за предучилишно и училишно образование е и воведувањето на задолжителниот предмет „Добродетели и религии“. Неговото усвојување засега исто така се одложува. Министерот В’лчев коментира дека бил изненаден од отпорот што се појавил кон воведувањето на овој предмет и според него тоа претставувало „своевидна идеолошка војна против религијата“.

На социјалните мрежи директори и наставници инсистираат дел од предложените измени на законот за образование веднаш да бидат усвоени, меѓу кои се забраната за мобилни телефони, мерките за ученичка дисциплина и системот на санкции во училиштата и друго, а во црковните кругови се изразува разочарување од уште еден неуспешен обид религијата да стане задолжителен предмет – известува бугарскиот црковен портал „Двери“.

Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100723/catid,14/id,74751/view,article/