Делегација на Цариградската Патријаршија во Ватикан за празникот на првоврховните апостоли

Обраќајќи им се во Рим на претставниците на Цариградската патријаршија, папата Лав XIV рече дека сите христијани се повикани да бидат веродостојни сведоци во ова време на војна и поларизација. Тој, исто така, ја изрази и својата надеж дека сите христијани ќе дејствуваат заедно за да ја прослават 2033 година, одбележувајќи две илјади години од Господовото Искупување.

„Патувањето кон прославата на вториот милениум од Искупувањето, во 2033 година, нека го остварат заедно сите христијански деноминации во светот, со повторно откривање на дарот и повикот да бидат сведоци на Воскреснатиот.“

Ова го изјави папата Лав XIV во вторникот (30 јуни 2026 година) во Ватикан пред делегацијата на Цариградската патријаршија по повод празникот на светите Петар и Павле.

Изразувајќи го своето задоволство што ги пречекува на ден по празникот, папата Лав рече дека нивното присуство „ја изразува братската блискост на нашата Црква – сестра во Цариград и на нејзиниот пастир и водач, Неговата Сесветост Вартоломеј, Вселенскиот Патријарх.“

Заедничка желба за напредок кон целосно единство

Тој рече дека е длабоко благодарен на Цариградскиот Патријарх и на сите членови на Светиот синод, бидејќи ја испратија делегацијата во Рим за да ги продолжат традиционалните взаемни посети за празниците на светителите – заштитници на нивните Цркви.

Со радост се присети на минатогодишното учество во празникот на свети Андреј во патријаршиската црква Свети Георгиј, во Фанар.

Тој, исто така, со благодарност се потсети на неговите средби со Цариградскиот Патријарх Вартоломеј I, кои дополнително го продлабочија нивното пријателство и овозможија поголемо споделување на ставовите за бројни прашања, „пред сè, нашата заедничка желба да постигнеме напредок на патот кон целосно единство меѓу сите христијани.“

Одбележување на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја

Во однос на тој настан, папата забележа дека одбележувањето на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, одржано во пресрет на празникот на свети Андреј во Изник, понуди „речито сведоштво за заедничарењето што веќе постои меѓу оние кои ја споделуваат верата во Бога, Отецот на сите, и кои веруваат во Исус Христос како Господ и Син Божји, и во Светиот Дух, кој нè вдахновува и нè води до полнотата на вистината и единството.“

„Тој комеморативен настан“ – истакна папата Лав – „јасно покажа дека Никејскиот символ на верата мора да биде основата и водечкиот принцип на ова екуменско патување, нудејќи модел на вистинско единство во рамките на легитимната различност: Единство во Троица, Троица во Единство.“

Христијаните се повикани да бидат веродостоен знак за мирот

„Во ера обележана со војни и растечка поларизација, како и со културни и социјални поделби“ – истакна папата – „христијаните, помирени меѓу себе и обединети во исповедањето на едната вера, се повикани да бидат веродостоен знак за мир, давајќи одлучувачки придонес во напорите на сите мажи и жени со добра волја за градење мир.“

„Освен тоа, во сегашната ситуација“ – рече тој –„во прашање е, не само веродостојноста на христијанската порака, туку и самата иднина на човештвото.“

Папата нагласи дека „потребата за поголема соработка меѓу христијаните соочени со денешните предизвици –кои го вклучуваат мирот, соодветната употреба на новите технологии и грижата за созданието –произлегува од самото Евангелие на Исус Христос.“

Одговорност за заштита на животот и достоинството на секоја личност

„Навистина“ – истакна тој –„нашата одговорност за животот и достоинството на секое човечко суштество, почнувајќи од најмладите и најзагрозените, е критериумот што ќе ја одреди нашата сегашна и вечна судбина.“

Како заклучок на својот говор, папата Лав уште еднаш изрази срдечна благодарност за посетата, како и за личната посветеност на делегацијата и на Цариградската патријаршија за унапредување на христијанското единство.

Извор: https://www.vaticannews.va/en/pope/news/2026-06/pope-leo-xiv-delegation-ecumenical-patriarchate-constantinople.html