Организациите „Геноцид воч“ и „Алијансата против геноцидот“ доставија меморандум до специјалната известувачка на Обединетите нации за слободата на верата или уверувањето, Назила Ганеа, во кој бараат меѓународна истрага за, како што наведуваат, систематското верски мотивирано насилство што го вршат џихадистички групи во Нигерија.
Според документот, од 2001 година досега милитантските организации „Боко Харам“, „Исламска држава – Провинција Западна Африка“, фуланските џихадистички милиции и групата Лакурауа убиле повеќе од 60.000 луѓе, а над 2,2 милиони жители биле принудени да ги напуштат своите домови. Цел на нападите, според авторите на меморандумот, биле христијански села, храмови, училишта и цивилното население во северниот дел на земјата и во т.н. Среден појас.
Во меморандумот се тврди дека насилството дополнително ескалирало во текот на 2025 и 2026 година, како и дека одредени припадници на нигериските безбедносни сили не интервенирале при нападите врз христијанските заедници. Авторите наведуваат и сомневања за соучесништво на поединци од политичкиот и воениот врв.
Посебно внимание се посветува на нападите во сојузните држави Бенуе, Плато, Кадуна и Коги, каде што, според поднесокот, се извршени бројни убиства, уништени се села, а десетици илјади луѓе биле принудени на раселување. Како еден од најтешките случаи се наведува нападот врз претежно католичкото село Јелвата во државата Бенуе во јуни 2025 година, кога, според извештаите, биле убиени меѓу 100 и 200 жители.
Во документот се критикува нигериската влада дека верската природа на насилството ја претставува како судири меѓу сточари и земјоделци или како криминални активности, наместо како организиран прогон на христијаните. Истовремено, критики се упатуваат и до делови од меѓународната заедница, вклучително и Европската Унија, „Амнести интернационал“ и генералниот секретар на Обединетите нации, бидејќи, според авторите, сè уште не го признале насилството како геноцид.
Во меморандумот се наведува дека во Нигерија е во тек „геноцид со постепено исцрпување“, термин што го вовела истражувачката на геноцид Хелен Фајн, и се повикува Обединетите нации јасно да ја именуваат природата на насилството и да преземат поконкретни мерки за заштита на верските заедници.
Поднесокот доаѓа во време кога и други организации предупредуваат на драматично влошување на состојбата. Организацијата „Меѓународно општество за граѓански слободи и владеење на правото“ претходно годинава соопшти дека од јануари до почетокот на април 2026 година во Нигерија биле убиени повеќе од 1.400 христијани, додека околу 1.800 лица биле киднапирани.
Од друга страна, нигериските власти продолжуваат да ги отфрлаат обвинувањата за верски мотивиран прогон или соучесништво во насилството, тврдејќи дека земјата се соочува со поширока безбедносна криза предизвикана од тероризам, вооружени криминални групи и локални судири помеѓу заедниците.
