Во период од 30 години, од 1994 до 2024, е забележано значително намалување на бројот на црковни бракови – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“. Падот е драстичен: додека во 1994 година црковните бракови сочинувале 89,6% од вкупниот број на склучени бракови, во 2024 година нивниот удел се намалил на само 38,5%. Најниското ниво било достигнато во 2020 година, кога поради ширењето на коронавирусот во Грција црковните бракови изнесувале 29,5% од вкупниот број.
Иако традиционалната форма на брак сè уште доминира, бавно но постојан растат и другите форми на „бракови“, што предизвикува загриженост бидејќи овој тренд е поврзан со демографскиот пад на земјата во последните години.
Според официјалните податоци на Грчката служба за статистика (ЕЛСТАТ), во 2024 година биле склучени 36.649 бракови (од нив 19.695 црковни и 16.954 граѓански), што претставува намалување од 9,2% во споредба со 2023 година, кога имало 40.351 брак (21.402 црковни и 18.949 граѓански).
Договорите за заеднички живот (цивилни партнерства) во 2024 година достигнале број од 14.486, што е намалување од 3,9% во споредба со 2023 година (15.069).
Во браковите од 2024 година, првпат во историјата на Грција по усвојувањето на законот што беше остро критикуван од Црквата и дел од општеството, се вклучени 182 бракови меѓу лица од ист пол.
Во истата година биле регистрирани и 192 договори за заеднички живот меѓу мажи и 96 меѓу жени.
Овие податоци беа објавени од ЕЛСТАТ во извештајот за демографските показатели во Грција за 2024 година, собрани врз основа на матични евиденции од општините и внесени во системот на Министерството за внатрешни работи. Податоците се однесуваат на настани од природното движење на населението – раѓања, смртни случаи, бракови, партнерства и разводи што се случиле во 2024 година.
Дополнителни податоци од ЕЛСТАТ:
- Раѓања:
Во 2024 година се родиле 68.467 деца (35.216 момчиња и 33.251 девојчиња), што е намалување од 4,2% во однос на 2023 година (71.455 раѓања).
Мртвородените деца не се вклучени во овие бројки; нив имало 454 во 2024 година, што е зголемување од 5,1% во споредба со 2023 (432 случаи). - Смртни случаи:
Во 2024 година починале 126.916 лица (64.144 мажи и 62.772 жени), што е намалување од 0,9% во однос на 2023 година (128.101 смртен случај).
Бројот на смртни случаи кај доенчиња под една година изнесувал 261, што го зголемило индексот на смртноста на доенчиња од 3,5 (во 2023) на 3,8 во 2024 година. - Разводи:
Во 2024 година биле регистрирани 15.532 разводи, што е зголемување од 2,8% во споредба со 2023 (15.114 разводи).
Од нив: 12.805 биле спогодбени (82,4%), 1.886 – судски по тужба (12,1%), кај 841 развод (5,4%) не е наведен типот.
Околу 66,4% од разводите во 2024 година се однесуваат на бракови кои траеле 10 или повеќе години. - Односот на бројот на разводи на 100 бракови бил: 42,4 во 2024 година, 37,5 во 2023, 33,4 во 2022, 34,2 во 2021 и 41,2 во 2020 година.
Повеќето мажи и жени го склучуваат првиот брак меѓу 30 и 34 години. Кај разводите се забележуваат разлики меѓу половите: жените најчесто се разведуваат на возраст од 40 до 44 години, а мажите меѓу 45 и 49 години. Воопшто, до 44-та година жените почесто поднесуваат барање за развод, а по 45-тата година преовладуваат мажите.
