Државниот секретар на САД Марко Рубио даде изјава за американската телевизиска куќа „Фокс Њуз“ на 5 март годинава, со забележителен крст од пепел на челото. Се работи за верска пракса наречена „Чиста“ или „Пепелна среда“ и го означува почетокот на Великиот пост во Римокатоличката црква, слично како што во Православната црква Чист понеделник го означува почетокот на Великиот пост.
Обичајот за обележување со пепел на челото на почетокот на постот го запазуваше и претходниот претседател на САД, Џозеф Бајден, кој исто како и Марко Рубио е римокатолик.

Овие верски пракси пројавени во јавност, од страна на официјални државни лица, на официјални државни настани не се необични во демократскиот западен свет, и пошироко, но беа незамисливи за земјите од поранешните социјалистички земји во кои постоеше државен атеизам. Оттаму, и денес за многумина во Македонија е необично, или дури и скандалозно, државни претставници во јавност да ја манифестираат својата вера, нешто што се состои во самата дефиниција на поимот „верска слобода“. Но, оваа и другите слични пракси, како давање заклетва над Библијата при стапување на државна функција, или присуството на свештеници во војската и затворите и сл., очигледно не ја нарушуваат секуларноста на државата, бидејќи секуларноста не подразбира атеизам.