Египетски археолози открија градба од V век на локалитетот Ал-Калаја во областа Бехеира, како дел од она што Врховниот совет за антиквитети го нарекува втор најголем организиран манастирски комплекс во историјата на христијанството.
Новопронајдената градба содржи 13 простории, меѓу кои монашки ќелии, заеднички простории за живеење, образовни простори и простории за гости. Молитвениот простор, ориентиран кон исток, има варовнички крст вграден во ниша, известува археолошкиот портал „Аркеонњуз“.
Ѕидните слики пронајдени на локалитетот прикажуваат монашки фигури заедно со растителни и геометриски мотиви, вклучувајќи и фреска со две газели опкружени со ботанички украси.
Меѓу другите откритија се керамички садови, натпишани керамички фрагменти, коски од животни, школки и варовнички погребен натпис на коптски јазик, во кој се спомнува лице по име „Апа Кир, син на Шенуда“.
Д-р Хишам Ел-Лејти, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети, истакна дека локалитетот зачувува некои од најраните познати архитектонски модели за организиран монашки живот.
Ископувањата во Ал-Калаја започнаа во 2023 година и досега открија повеќе групи монашки ќелии заедно со помошни објекти. Локалитетот се наоѓа во делтата на Нил, а не во Горен Египет, каде што традиционално се проучувало раното христијанско монаштво.



