Форум за Интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“

Oваа седмица во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје се одржа Форумот за Интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“, проект на фондацијата „Свети Фотиј Велики“ – Скопје. Форумот дејствува како дијалошка платформа која се состои од дискусии на различни философски, теолошки, социјални, етички и културолошки теми. Форумот го води проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Првата дискусија, насловена како Homo Veritatis: За вистината во јавниот дискурс, се одржа на 27.11.2025. На неа интердисциплинарно се пристапи кон прашањето за вистината во јавниот дискурс. Гости беа Дионисиос Склирис, професор по философија на Богословскиот факултет во Атина и новинар во неделникот Το Βήμα, и Ненад Марковиќ, професор по политички науки и еден од основачите на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Втората дискусија е насловена како Homo Religiosus: За човекот како религиозно битие и се одржа на 28.11.2025. Во неа беа разгледани значењата и интерпретациите на концептот за религиозноста во европската култура. Гости беа Сотирис Митралексис од Лондонскиот универзитетски колеџ (UCL) и Институтот за православни христијански студии во Кембриџ (IOCS) и Александар Таковски од AAB Колеџот во Приштина. Дискусијата се одвиваше на англиски јазик.