„’Ослободете ја вашата имагинација за овој многу редок имот на продажба…’ Скандал и очај! Црквата Свети Едвард во Ленс е ставена на продажба за 362.500 евра – вест што шокира и предизвикува реакции. Божјиот дом деградиран во обичен недвижен имот на страница за огласи… Зарем навистина паднавме толку ниско?“ – пишува францускиот црковен медиум „Трибун Шретиен“.
Црквата е огласена за продажба на интернет, на 26 февруари годинава. Надлежната епархија и парохијата „Свети Франциск Асишки“ тврдат дека оваа одлука ја донеле со тешко срце, поради недостаток на финансиски средства.
„Како дојдовме до оваа точка? Ова е прашање што мора да се постави. Брзата декристијанизација на нашата земја нè потсетува на примерот на Канада, каде што црквите се продаваат масовно и се претвораат во ресторани, спортски сали, па дури и ноќни клубови! Дали одиме по истата патека?“ – пишува „Трибун Шретиен“.
Францускиот канал „France 3 Régions“ зборува за „општо изненадување“, а парохискиот свештеник, отец Жан-Мари Рауел, самиот признава дека му е непријатно: „Ова е малку шокантно. Луѓето си велат: ‘Не е можно нешто вакво да направија?!’“ Но реалноста е јасна – оправдувањето е веќе подготвено: верниците си заминаа, финансиските средства се исцрпени, а црквата, поради недостиг на одржување, станала преголем товар за епархијата.
Повторување на судбината на Канада?
Оваа драматична ситуација не е изолиран случај. Во Франција, десетици цркви се соочуваат со затворање, продажба или уривање поради недостаток на верници и неангажираност на властите. Канада веќе покажа како изгледа оваа деградација: некогаш христијанската нација, ги распродаде своите цркви како обичен имот, а потоа прифати масовна евтаназија со страшни последици. „Дали и нас нè чека истото? Општество што ги напушта своите цркви, може ли воопшто да ја брани светоста на животот? Дали сме осудени да гледаме како нашите цркви се претвораат во луксузни станови, ноќни клубови или магацини? Дали продажбата на ’Свети Едвард’ е последен повик за будење? Или само уште еден чекор во долгото пропаѓање на една Франција која заборава од каде доаѓа и наскоро нема да има каде да се моли? “ – прашува „Трибун Шретиен“.

Извор: https://tribunechretienne.com/une-eglise-francaise-en-vente-sur-le-bon-coin/