Гувернерот на Небраска го прекина државното финансирање на клиниките за абортус

Небраска стана најновата сојузна држава на САД што презема мерки за укинување на финансирањето на „Планирано родителство“ и други клиники за абортус, откако Врховниот суд на САД пресуди во корист на сличната иницијатива на Јужна Каролина.

Републиканскиот гувернер на Небраска, Џим Пилен, на 6 ноември 2025 година издаде извршна наредба со која се забранува давателите на услуги поврзани со абортус да примаат државни даночни средства. Канцеларијата на Пилен појасни дека иако федералните и државните закони забрануваат јавните средства директно да се користат за плаќање абортуси, давателите на абортуси сепак добивале даночни средства за други услуги што ги извршуваат, како што е планирањето на семејството. Извршната наредба има за цел да ја затвори таа „дупка во законот“.

„Граѓаните на Небраска јасно ставија до знаење дека ја поддржуваат културата на љубов и живот — култура која обезбедува заштита за неродените,“ рече Пилен. „Во текот на мојата администрација, јас се залагав за закони што ги поддржуваат тие вредности. Горди сме што го преземаме овој смел чекор во запирањето на финансирањето на давателите на абортуси кои добиваат средства од државата“.

На прес-конференција во четвртокот, Пилен го отфрли тврдењето дека исклучувањето на некои клиники од државната помош ќе им го отежне пристапот на жените до потребни здравствени услуги, истакнувајќи дека ресурсите се достапни. „Сакам да подвлечам дека Небраска има доволно ресурси за жените кои имаат потреба од здравствени услуги,“ рече тој. „Постојат 12 клиники во Омаха и четири во Линколн.“

Во извршната наредба се споменува и забраната за насочување даночни средства кон даватели на абортуси во законот кој беше усвоен од Конгресот на САД претходно оваа година, како и пресудата на Врховниот суд во случајот „Медина против Планирано родителство“ од јуни, со која беше дозволено Јужна Каролина да го укине финансирањето на „Планирано родителство“ во својата програма.

Во изјава објавена во четвртокот, претседателката на организацијата „Сузан Антони про-лајф Америка“, Марџори Даненфелсер, ја пофали извршната наредба како „уште еден клучен чекор во градењето целосна Култура на живот, која се грижи за ближните во потреба и ги пречекува сите наши деца — родени и неродени“. „Небраска ги вреднува и животите на бебињата, и здравјето и безбедноста на жените,“ рече Даненфелсер. „Гувернерот Пилен е исклучителен бранител на неродените деца и нивните мајки.“

Регионалната извршна директорка на „Планирано родителство“, Рут Ричардсон, одговори на наредбата во изјава за „Небраска ТВ“, осудувајќи ја како „ништо повеќе од ПР-трик на државното раководство, наменет да ги збунува граѓаните на Небраска во врска со нивните здравствени опции.“

Небраска не е првата држава што презела мерки за забрана на финансирањето на „Планирано родителство“ и други клиники за абортус преку државната програма по пресудата „Медина“. Во јули, гувернерот на Оклахома, републиканецот Кевин Стит, потпиша извршна наредба со која им се наложува на државните агенции да го запрат финансирањето за сите поединци и организации поврзани со даватели на абортуси. Наредбата, исто така, се повикува на укинувањето на финансирањето во други држави, наложувајќи му на Отсекот за здравство и човечки услуги да „го прекине ангажманот на клиники кои биле исклучени или отстранети од учество во државните програми за здравствено осигурување“.

Извор: https://www.christianpost.com/news/nebraska-defunds-planned-parenthood.html