На 4 декември 2025 (четврток) во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје со почеток од 19 часот ќе се одржи дискусија во рамките на Форумот за Интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“, проект на фондацијата „Свети Фотиј Велики“ – Скопје. Форумот дејствува како дијалошка платформа која се состои од дискусии на различни философски, теолошки, социјални, етички и културолошки теми. Форумот го води проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Дискусијата е насловена како Homo Deus: Етиката, верата и трансхуманизмот. Во неа ќе се занимаваме со темата за трансхуманизмот, која во поново време ги напушта жанровските граници на научната фантастика и полека но сигурно влегува во сферата на интересот на повеќе академски дисциплини – вклучително философијата, етиката и теологијата. Идејата за усовршувањето на човекот по мерката на сопствените научни достигнувања – иако не радикално нова – во денешно време поприма сѐ порадикални облици и станува општо застапена во јавниот дискурс. На неа ќе се осврнеме заедно со нашите ценети соговорници: д-р Стјепан Штивиќ, истражувач на Теолошкиот факултет при Универзитетот во Љубљана и д-р Дејан Донев, професор по етика на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје. Дискусијата ќе се одвива на македонски и хрватски јазик. Настанот е со слободен влез и отворен за пошироката публика“ – известува фондацијата „Свети Фотиј Велики“.
