На 24 април 2026 година, во свечената сала на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Скопје, со почеток во 17:30 и 19:15 часот, ќе се одржат две дискусии во рамките на Форумот за интердискурзивен дијалог „Philosophia Christiana“. Влезот е слободен.
„Според Библијата и црковното предание, Христос ги испратил Апостолите да му го проповедаат Евангелието на светот. Ова испраќање не останува ограничено на апостолското време, ниту се ограничува само на клирот во Црквата, туку претставува конститутивен елемент на животот на Црквата низ историјата. Секој христијанин учествува во овој повик како член на царското свештенство, повикан не само да го прими Евангелието, туку и да го оприсутни во средината во која живее и дејствува. Во таа смисла, секој верник сведочи за своето искуство на верата – преку учество во заедничкиот повик кој е истовремено црковен и егзистенцијален.
Во современ секуларен и мултирелигиски контекст, овој апостолски идентитет бара расудување. Прашањето не е само дали да се говори, туку како да се говори и под кои услови говорот останува доследен и автентичен? Како современиот христијанин може да остане верен на апостолскиот повик без тој да деградира во идеологија или да стане предмет на автоцензура? Како Благата вест денес да се сподели на начин што ја почитува слободата и интегритетот на другиот?
На првата дискусија од годинашниот Форум, овие прашања ќе бидат разгледани заедно со нашите извонредни гости: о. Гаврил (Bradley) Насиф, професор на North Park University во Чикаго и свештеник на Антиохиската православна црква во САД и о. Јустин Михок, свештеник во Романската православна црква во Дарам, Велика Британија и психотерапевт сертифициран од Британската асоцијација за советување и сихотерапија (BACP).
Втората дискусија го разгледува феноменот на homo psychologicus како современ антрополошки модел и ја поставува во дијалог со античкото философско и христијанско аскетско разбирање на човекот како θεραπευόμενος, односно како оној што е во процес на исцелување и преобразба. Класичната философија веќе ја разбирала философијата како терапија на душата, додека христијанската традиција ја продлабочува оваа перспектива во аскетска пракса насочена кон очистување, просветлување и обожение. Современата психотерапија, пак, вклучува мноштво различни перспективи и пристапи кои имаат заедничка цел да ги унапредат самосвеста, саморегулацијата и општиот квалитет на живеење на личноста.
Во продолжение, дискусијата и разгледува можностите за практичната и етичката рамка за соработката меѓу психотерапевтот и православниот свештеник. Се предлагаат модели на интеракција: разграничување на домените, критериуми за упатување и структурирана паралелна работа која го зачувува интегритетот на двете практики. Целта е дисциплинирана комплементарност во која homo psychologicus ниту се редуцира до клинички категории, ниту се апстрахира во чисто религионзни или спиритуални поими – туку личноста се разбира како уникатна и способна како за психолошка интеграција, така и за аскетска преобразба.
Гости на дискусијата ќе бидат о. Јустин Михок, свештеник во Романската православна црква во Дарам, Велика Британија и психотерапевт сертифициран од Британската асоцијација за советување и сихотерапија (BACP) и Ана Ѓорѓевиќ, доцент по психологија на Универзитетот Американ Колеџ во Скопје и претседател на Македонската асоцијација за трансакциска анализа“ – се вели во најавата.


