Четириесет и две изгубени страници од Посланијата на свети апостол Павле се идентификувани во древен ракопис, во откритие за кое научниците велат дека нуди нови сознанија за тоа како списите на св. апостол Павле биле читани и толкувани во првите векови на христијанството.
Според Универзитетот во Глазгов, откритието го направил меѓународен тим академици, предводен од шкотскиот универзитет.
Идентификацијата на важниот ракопис од Новиот завет, познат како Кодекс H (Codex H), нуди драгоцен увид во прифаќањето и толкувањето на Павловите посланија во раната христијанска традиција.
Ракопис што бил фрагментиран низ вековите
Датирајќи од VI век, Кодексот H ги содржи Посланијата на свети апостол Павле и се смета за значајно сведоштво за библиската текстуална критика.
Ракописот вклучува сложен систем на белешки и текстуални структури кои се назначени да го водат читањето и разбирањето на светиот текст.
Во XIII век, кодексот бил раздвоен на делови во манастирот Голема Лавра, а неговите страници биле повторно искористени во подврските на други ракописи — вообичаена практика во тоа време, кога материјалите за пишување биле скапи.
Како резултат на тоа, делови од кодексот се нашле во библиотеки во Италија, Грција, Русија, Украина и Франција, додека некои делови долго време се сметале за трајно изгубени.
Модерната технологија ги реконструира древните текстови
Обновувањето на страниците беше овозможено преку напредни техники за дигитализација, развиени во соработка со Електронската библиотека за рани ракописи (Early Manuscripts Electronic Library). Овие методи овозможуваат трагите од мастило кои се невидливи за голо око, да бидат откриени преку анализа на ракописите под различни светлосни спектри.
„Знаевме дека во одреден момент манускриптот бил повторно испишан со мастило. Хемикалиите од новото мастило предизвикале оштетување во вид на пресликување на спротивните страници, создавајќи огледална слика на текстот на спротивниот лист – понекогаш оставајќи траги длабоки неколку страници, тешко видливи за голо око, но многу јасни со најновите техники за дигитализација“ – изјави професорот Герик Ален.
Пронајдените фрагменти содржат познати пасуси од Посланијата на св. Павле, но нивното значење е во тоа, како тие ја одразуваат организацијата и толкувањето на текстот во раната Црква. Истражувачите идентификуваа некои од најстарите познати форми на поделба на поглавја, кои се разликуваат од оние што се користат денес.
„Со оглед на тоа што Кодекс H е толку важен сведок за нашето разбирање на христијанското Свето Писмо, откривањето на какви било нови докази – а особено во оваа количина – за тоа, како тој првично изгледал, не е ништо помалку од монументално“ – додаде професорот Ален.
Сведок на раната христијанска препишувачка култура
Откритието исто така го истакнува динамичниот начин на кој препишувачите комуницирале со светиот текст преку корекции, коментари и структури за објаснување.
Проектот доведе до создавање на јавно достапно дигитално издание и до подготовка на нови научни студии за ракописот.
Извор: https://basilica.ro/en/lost-pages-saint-paul-epistles-recovered-codex-h/
