Италија го прогласи за нелегално патувањето на парови во странство за да добијат бебе преку сурогат-мајчинство.
Овој потег ја проширува забраната на оваа практика внатре во земјата, за да ги вклучи и оние кои ја бараат во места каде што е легална, како САД или Канада. Оние кои ќе го прекршат законот би можеле да се соочат со до две години затвор и казни до 1 милион евра.
Законот, предложен од владејачката партија на Италија, според критичарите, е насочен кон ЛГБТ паровите – на кои не им е дозволено да посвојуваат или да користат вештачко оплодување во земјата.
Сурогат-мајчинство е кога жена носи бременост за друг пар или поединец, обично поради проблеми со плодноста или затоа што се работи мажи во истополова врска.
Законот беше изгласан со 84 наспроти 58 гласа во италијанскиот сенат во среда.
Овој потег е дел од социјално-конзервативната агенда на Џорџија Мелони – првата жена премиер на Италија и лидер на партијата Браќа на Италија. Таа се опишува себеси како христијанска мајка и верува дека децата треба да бидат одгледувани само од маж и жена. Мелони претходно се изјасни против сурогат-мајчинството кое вклучува ЛГБТ парови, а анти-ЛГБТ реториката беше клучна карактеристика на нејзината изборна кампања. Во говор во 2022 година, таа рече “да за природното семејство, не за ЛГБТ лобито”.
Во 2023 година, нејзината влада му нареди на градскиот совет на Милано да престане да ги регистрира децата на истополови родители. Мелони го опиша сурогат-мајчинството како „симбол на одвратно општество кое ја меша желбата со правата и го заменува Бог со пари.“ Нејзиниот заменик, Матео Салвини, исто така ја нарече практиката „застранување“ која ги третира жените како „банкомат“.
Закони за сурогат-мајчинство во западниот свет:
- Италија, Шпанија, Франција и Германија се меѓу европските земји кои ги забрануваат сите форми на сурогат-мајчинство.
- Во Велика Британија, нелегално е да се плаќа за сурогат-мајчинство надвор од разумните трошоци на мајката. Мајката ќе биде регистрирана на изводот од матичната книга на родените додека родителството не се пренесе преку родителска наредба.
- Во Ирска, Холандија, Белгија и Чешка, не е можно да се добие судско извршување на договор за сурогат-мајчинство. Ова е исто во Велика Британија, каде судот ќе одлучи што е во најдобар интерес на детето ако има несогласување.
- Грција прифаќа странски парови и обезбедува правна заштита за наменетите родители – мајката нема законски права над детето – меѓутоа Грција инсистира дека треба да има жена во врската (со што се исклучуваат геј паровите или самците мажи).
- САД и Канада дозволуваат сурогат-мајчинство за истополови парови и ги признаваат како законски родители од раѓањето.