Итен апел од Советот на Црквите на Блискиот Исток за поддршка

Итен апел за обезбедување хуманитарна помош за поддршка на илјадници семејства по кризата и војната што избувна во поширокиот регион на Блискиот Исток – со последици кои веќе се видливи во Либан – упатува Советот на Црквите на Блискиот Исток, кој внимателно ги следи случувањата – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.

Во изјавата се изразува силната загриженост за тековната состојба и се пренесува вознемиреноста на илјадници луѓе кои во овие моменти живеат во несигурност и страв за своите животи. Кризата избувна во регион каде народи, како што е Либан, во последните години беа тешко погодени од различни кризи.

Црквите и организациите веќе започнаа да обезбедуваат итна хуманитарна помош за семејствата на кои им е потребна, без никаква дискриминација, бидејќи од нападите се погодени болници и училишта. Поради оваа причина Советот на Црквите на Блискиот Исток е во постојана комуникација и со други организации кои обезбедуваат хуманитарна помош.

„Сепак, обемот на зголемените потреби денес ги надминува можностите на локалните иницијативи. Илјадници семејства имаат потреба од итна помош, вклучувајќи храна, здравствена грижа, безбедно засолниште, психолошка и социјална поддршка, додека постои и потреба од обнова на уништените домови и заеднички објекти“, се наведува.

Во првата линија – заштитата на човечкиот живот

Хуманитарните последици почнуваат да се појавуваат во Либан, каде неодамнешните настани доведоа до жртви меѓу цивилите и до големи оштетувања на инфраструктурата, како и до бранови на раселување на семејства кои беа принудени да ги напуштат своите домови во потрага по безбедност. „Ова страдање стана секојдневна реалност, бидејќи сè повеќе семејства денес имаат непосредна потреба од итна хуманитарна помош“, се нагласува.

Советот на Црквите на Блискиот Исток упатува итна хуманитарна апела до своите партнери – донатори, фондации и меѓународни хуманитарни организации – да ги поддржат напорите за справување со растечките потреби на погодените и да придонесат за олеснување на страдањата на семејствата кои се соочуваат со сериозни проблеми.

Црквите на Блискиот Исток, со оглед на нивното историско присуство во локалните заедници, формираат доверлива хуманитарна мрежа способна веднаш да стигне до најранливите општествени групи, соработувајќи со локални и меѓународни организации за да обезбедат правична и ефикасна распределба на хуманитарната помош.

„Среде оваа криза, Советот на Црквите на Блискиот Исток потсетува дека заштитата на човечкото достоинство и зачувувањето на човечкиот живот мора да останат во првата линија на меѓународната заедница. Страдањата на цивилите не се само минлива криза, туку длабока промена во самата суштина на нивниот живот и во темелите на нивното постоење, создавајќи човечка и морална граница која бара конкретна солидарност и заедничка одговорност“, се истакнува.

Советот на Црквите на Блискиот Исток ја потсетува јавноста на својата посветеност на вредностите на милосрдието, мирот и солидарноста, кои ја сочинуваат суштината на христијанската порака во регионот, и ги повикува сите партнери да застанат покрај народите на Блискиот Исток во оваа критична фаза.

Паника во Бејрут

Според грчката новинска агенција „АПЕ–МПЕ“, синоќа во Бејрут настана паника откако Израел издаде наредба жителите на јужна населба на главниот град, која се смета за упориште на Хезболах, итно да се евакуираат. Речиси веднаш се формираа огромни колони од автомобили.

Неколку часа подоцна областа стана цел на бомбардирања, вклучително и едно „многу силно“, според известувањата, додека израелската војска соопшти дека започнала да напаѓа „инфраструктура на Хезболах“.

Според либанското Министерство за здравство, до синоќа најмалку 123 лица загинале, а 683 се повредени од понеделник наваму.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/epikairotita/epeigousa-ekklisi-apo-to-symvoulio-ekklision-mesis-anatolis-gia-stiriksi-stin-proti-grammi-i-prostasia-tis-anthropinis-zois/