Светскиот совет на црквите (ССЦ) преку својот Генерален секретаријат изрази „длабока вознемиреност од потенцијалот за неоправдано колективно казнување на цела верска заедница и кршењето на принципите на слободата на вероисповед и уверување“, преку новоусвоениот закон во Украинската Рада. Во продолжение изјавата на ССЦ ја пренесуваме во целост.
Владата на Украина има суверено право и одговорност да го брани територијалниот интегритет на нацијата и да ги штити нејзините граѓани, особено во услови на нелегална инвазија и вооружена агресија од Русија. Светскиот совет на црквите (ССЦ) постојано ја осудува војната на Русија против Украина и остануваме цврсти на тој став. Украинските власти имаат право да го штитат суверенитетот и независноста на Украина и да ги гонат виновните за злосторства против интересите на Украина.
Истовремено, ССЦ е длабоко вознемирен од потенцијалот за неоправдано колективно казнување на цела верска заедница и кршење на принципите на слободата на вероисповед или на верување, според новиот закон кој беше усвоен од украинската Рада на 20 август 2024 година. Новиот закон сега го чека потписот на претседателот Зеленски. Повторно ја повикуваме украинската влада да биде внимателна во однос на мерките кои ризикуваат да го нарушат основното право на слобода на вероисповед или на верување и да ја поткопаат социјалната кохезија во овој момент на национална вонредна состојба.
Го забележуваме процесот од шест чекори којшто е пропишан со новиот закон пред да биде забранета некоја религиозна организација и бараме праведен и непристрасен пристап кон секоја таква истрага, да се внимава на принципите на меѓународното право, на природната правичност и на соодветната постапка при преземање на какви било дејства според овој нов закон. Ниту злосторствата на некои поединци, ниту историската припадност на одредена религиозна организација, не можат да бидат доволна основа за мерки што се еднакви на колективно казнување на жива верска заедница во Украина. Владата на Украина е одговорна за заштитата на правата на сите нејзини граѓани.
Свештеник проф. д-р Џери Пилај, Генерален секретар на Светскиот совет на црквите
Епископ д-р Хајнрих Бедфорд-Стром, Модератор на Светскиот совет на црквите