Израел ќе го одржи „најголемиот ЛГБТК+ фестивал “ во близина на древниот Содом

Официјалниот профил на Министерството за надворешни работи на Израел на социјалната мрежа X го најави четиридневниот „ЛГБТК+ фестивал“, планиран за јуни на брегот на Мртвото Море, на подрачје за кое традиционално се смета дека се наоѓале древните градови Содом и Гомора, пренесува „Христијан пост“.

„Гордоста се издигнува на најниската копнена точка на Земјата! Овој јуни Мртвото Море ќе стане ‘Земја на гордоста’ – најголемиот ЛГБТК+ фестивал што некогаш бил одржан на Блискиот Исток! Четири дена непрекината прослава и дружење! Израел го слави своето ЛГБТК+ заедништво повеќе од кога било!“, се наведува во објавата.

Фестивалот „Земја на гордоста“, кој ќе се одржи од 1 до 4 јуни во чест на „ЛГБТ начинот на живот“, привремено ќе претвори дел од Јудејската пустина крај Мртвото Море во фестивалски град со 15 хотели, плажи и голема централна сцена, на која постојано ќе настапуваат познати израелски музички изведувачи, пишува „Јерусалем пост“.

Се очекува да бидат организирани и семејни зони со активности за деца и работилници за семејства.

Според главниот продуцент и иницијатор на настанот, Аарон Коен, фестивалот ќе биде од досега невидени размери. „Ова не е само уште еден фестивал, туку најголемиот проект што сме го организирале досега. Инвестиравме милиони, резервиравме хотели за четири дена и изградивме цел град среде пустина! Ќе има прослава 24 часа дневно – од мирни посети до ‘вечери на гордоста’, со жива музика и многу луѓе“, изјавил тој.

Промоцијата на фестивалот на официјалниот профил на израелското МНР на X предизвика бројни негативни реакции на интернет, меѓу кои и од христијани, кои го нарекоа карактерот и местото на одржување на фестивалот „навреда за Бога“ и „потсмев на Библијата“.

Некои корисници на социјалните мрежи потсетија дека јужниот дел на Мртвото Море традиционално се поврзува со местоположбата на Содом, Гомора и другите градови од Сидимската рамнина, кои, според 19. глава од Книгата Битие, Бог ги уништил со дожд од оган и сулфур поради развратот, беззаконието и насилството на нивните жители.

Извор: https://www.christianpost.com/news/israel-promotes-biggest-lgbtq-festival-ever-near-site-of-sodom.html преку: https://pravoslavie.ru/177238.html