Чешката редакција на „Сојузот на православни журналисти“ на 31 декември 2025 година го објави текстот „Како болшевиците го создадоа митот за Дедо Мраз“, на авторот Артур Лосков. Во продолжение го пренесуваме преводот на овој текст.
За да го искорени верувањето во Христос, советскиот режим мораше да смисли сопствени херои. Така се роди Дедо Мраз каков што го знаеме денес – како идеолошка алтернатива на младенецот Исус и на свети Никола.
И денес Дедо Мраз ги посетува децата во постсоветските земји за Нова година. Лик кој им носи подароци на децата затоа што рецитирале песничка или едноставно затоа што биле добри. Децата го доживуваат тоа како новогодишна магија, а возрасните како убава традиција со која и самите пораснале. Иако станува збор за омилен обичај, потребно е да се потсетиме како всушност настанал Дедо Мраз.
Додека во Европа симбол на дарувањето стана свети Никола (освен во Грција каде што тоа е свети Василиј заб. прев.), а кај нас (во Чешка, заб. прев.) тоа е младенецот Исус, на Советскиот Сојуз му беше потребен херој кој нема да „мириса“ на Црква. Така настана Дедо Мраз – лик кој требаше да ја истисне верата и да ја замени со световна идеологија. Неговата приказна е фасцинантна мешавина од стари легенди, политички директиви и, парадоксално: американска инспирација.
Од опасен старец до „добар“ дедо
Корените на Дедо Мраз не лежат кај светците, туку во мрачниот словенски фолклор. Првобитниот „Мраз“ (Морозко или Мороз) бил опасен и груб владетел на зимата. Тој бил страшен старец од шумите кој не носел подароци – тој самиот барал жртви за да не ги замрзне луѓето.
Дури во средината на 19 век во литературата почнал да се преобразува во мудар воспитувач. А вистинскиот пресврт се случил по превратот во 1917 година. Болшевиците едноставно ги укинале православните празници. Во рамките на кампањата „комсомолски Божик“, дури и елката била означена како „буржоаски остаток“, а во атеистичките списанија излегувале пароли: „Долу поповскиот Божик! Болшевички ќе влеземе во последната година од петилетката!“ Верниците морале тајно да китат елки и да ги покриваат прозорците со ќебиња за да не ги откријат патролите. На „носителот на подароци“ во тоа време речиси се заборавило. Во 20-тите години, дури и Дедо Мраз бил означен како „религиозен отпад“ и алатка на експлоататорските класи за залудување на децата.
Сталиновата трансформација: Советскиот „Санта Клаус“
Во 30-тите години, Сталин сфатил дека на режимот му се потребни сопствени традиции кои би го обединиле народот. Младенецот Исус и свети Никола не се вклопувале во идеологијата, па затоа Дедо Мраз бил „рехабилитиран“ и комплетно преобразен.
Интересно е што Советите се инспирирале од „американскиот пат“: на Западот свети Никола се претворил во комерцијалниот „Санта Клаус“, а советските идеолози го направиле истото: земале лик на белобрад старец во црвен плашт, му дале руски црти и улога на „морален ментор“ на социјализмот. За целосно да се одвои од христијанството, тој не смеел да дарува за Божик, туку неговото делување било префрлено на новогодишната ноќ.
Снежанка: Уникатна придружничка
За сликата да биде комплетна, Дедо Мраз добил придружба – убавата Снежанка (Снегурочка). Нејзиното потекло датира од оперите на Римски-Корсаков и сказните на Александар Островски. Во западната култура зимскиот дарител нема женска придружба, Снежанка е уникатен изум на Источниот блок кој требало да го очовечи ликот и да го направи попривлечен за децата. Од 1937 година, оваа двојка стана задолжителен дел од сите новогодишни прослави.
Наметнување во Чехословачка
Овој советски модел комунистите се обиделе да го воведат и во Чехословачка по 1948 година. Најпознатиот обид бил божиќниот говор на премиерот Антонин Запотоцки од 1952 година. Во него им соопштува на децата дека младенецот Исус остарел, му пораснала брада и станал Дедо Мраз. Тврдел дека младенецот Исус бил симбол на сиромаштијата, додека Дедо Мраз доаѓа од Исток во придружба на црвена ѕвезда како симбол на радосното утре. Кај нас (во Чешка заб. прев.), сепак, овој лик никогаш не заживеал целосно и традицијата на младенецот Исус преживеала во домовите.
Заклучок
Кога по падот на СССР православните традиции (кои се слават на 7 јануари) почнаа да се враќаат, Дедо Мраз зачудувачки не исчезна. Од 1998 година тој има официјална резиденција во градот Велики Устјуг и иако неговата улога на идеолог помина, тој стана силен комерцијален симбол. Сепак, во денешно време, за жал, повторно станува алатка на политичка борба и спротивставување на Западот.
Наместо „морален ментор“ на социјализмот, денес Дедо Мраз во некои случаи се појавува како бранител на „традиционалните вредности“ во дури и бизарни пропагандни видеа. Пример за тоа е минатогодишната руска новогодишна реклама во која Дедо Мраз, заедно со војник на воздушната одбрана, го соборува Санта Клаус кога тој со своите ирваси го нарушува рускиот воздушен простор. Така, од лик од сказните, тој повторно станува симбол на отпорот против западните влијанија, со што кругот се затвора и ликот се враќа на своите идеолошки корени.
Извор: https://svazpn.cz/cz/news/87491-jak-bolevici-stvoili-mtus-ddy-mrze
