Католички свештеник од Канада: Двапати ми беше понудена евтаназија

Католички свештеник од Ванкувер јавно сведочеше дека за време на лекувањето во Општата болница во Ванкувер, двапати му била понудена „медицинска помош при умирање“, т.е. евтаназија, иако медицинскиот персонал знаел дека тој како свештеник се противи на евтаназијата од морални и верски причини.

Отец Лери Холанд, 79-годишен свештеник, закрепнува од скршеница на колкот што ја добил по пад во својот дом на Божик. Во разговор за официјалниот весник на католичката Архиепископија на Ванкувер, тој раскажува дека првиот пат лекар ја отворил темата за евтаназија доколку неговата состојба се влоши, а подоцна истото го сторила и медицинска сестра.

„Бев многу шокиран. Тоа е исклучително чувствителна тема“, изјави отец Холанд, додавајќи дека јасно му кажал на лекарот дека морално се противи на евтаназијата.

Според неговото сведоштво, тој не бил во терминална фаза ниту тогаш ниту сега, но признал дека поради силните болки можел „да го почувствува искушението“ да ја прифати понудата. „Тоа е човечка реакција. Секогаш го бараме полесниот излез“, рече свештеникот.

Случајот предизвика реакции во католичките кругови во Канада. Отец Лери Лин, изјави дека ваквиот пристап е „еден од најстрашните примери на канадскиот нечувствителен режим на евтаназија“. „Особено е вознемирувачки кога евтаназија му се предлага на свештеник за кого се знае дека се противи на тоа од верски причини“, истакна отец Лин.

Католичкиот капелан во болницата, отец Роналд Секеира, предупреди дека многу пациенти ја губат надежта во страдањето, а токму тогаш, како што рече, „доаѓа искушението“. „Бог нè очистува и зајакнува преку страдањето кога Му го принесуваме. Наша задача е да им помогнеме на луѓето да не ја изгубат надежта“, изјави отец Секеира.

Во меѓувреме, во Канада продолжуваат дебатите околу практиката „медицинска помош при умирање“, додека земјата се приближува кон бројката од 100.000 случаи на асистирано умирање од легализацијата на евтаназијата досега.

Конзервативниот пратеник Гарнет Џинис предложи закон со кој би им се забранило на државните службеници и здравствени работници проактивно да нудат евтаназија на пациенти кои самите не ја побарале.

Отец Холанд нагласи дека својата приказна ја споделува за да им даде надеж на другите луѓе кои страдаат. „Јас поминав низ тоа; и вас може да ве снајде“, порача тој.

Извор: https://bccatholic.ca/news/catholic-van/maid-raised-vancouver-priest-hospital-care-twice