Новиот поглавар на Украинската Православна Црква – Киевска патријаршија (УПЦ-КП), „патријархот“ Никодим, наследникот на неодамна упокоениот Филарет Денисенко, продолжува со проширување на структурата што ја предводи, воспоставувајќи нови црковни единици во повеќе земји и примајќи свештеници, монаси и парохии под своја јурисдикција.
На 28 мај 2026 година Никодим потпиша укази за основање на „викаријат“ на УПЦ-КП на Кипар. За секретар на новата структура е назначен Нектариј Георгиу, поранешен игумен на манастирот на преподобниот Авакум во Фтерикуди. Заедно со него во составот на Киевската патријаршија се примени и архимандритите Авакум Христофи и Порфириј Тутулос, како и монасите Тимотеј Флуренцу, Спиридон Питара и Исаија Христофи.
Во новата јурисдикција преминале и парохијата на храмот „Свети Архангел Михаил“ во Никозија, како и манастирот на преподобниот Авакум со неговото братство и верници. На манастирот му е доделен ставропигијален статус.
Овој чекор предизвика дополнително внимание бидејќи главните личности на новоформираниот викаријат беа дел од познатиот црковно-кривичен скандал на Кипар во 2024 година. Црковниот суд на Кипарската Православна Црква ги лиши од свештенички чин Нектариј Георгиу, Авакум Христофи и Порфириј Тутулос, против кои беа покренати повеќе обвиненија, меѓу кои и за измама, перење пари и даночно затајување.
Паралелно со активностите на Кипар, Киевската патријаршија го проширува своето присуство и во Африка. На 26 мај Никодим го прифати барањето на протојерејот Хараламбос Оцена од Уганда и ја прими неговата парохија посветена на свети Јосиф во составот на УПЦ-КП. Според указот, свештеникот и неговото паство ќе бидат директно потчинети на поглаварот на Киевската патријаршија.
Ова следува по неодамнешните активности на структурата во Шпанија, Романија, Чешка и Грција, за кои известивме.
Во интервју за украински медиум, Никодим исто така изјави дека Цариградската патријаршија ги признава хиротониите извршени во Киевската патријаршија по 2018 година. Според него, Константинопол ги смета за валидни хиротониите извршени од поранешниот поглавар Филарет по неговото враќање во канонско општење.
Истовремено, Никодим тврди дека хиротониите на клириците на Православната Црква на Украина (ПЦУ), извршени пред 2019 година, биле прифатени од страна на Цариградската патријаршија „по икономија“, што, според неговото толкување, покажува дека тие биле сметани за проблематични.
„Чекор по чекор се воспоставува Киевската патријаршија“, напиша Никодим на својот Телеграм-канал, коментирајќи ги најновите активности на структурата што ја предводи.



Извор: https://eeod.gr/news/88153-patriarcheo-kivou-dimiorgise-vikarito-stin-kpro
