Меѓународен собир во Рим: Да се осмелиме за мир

Од 26 до 28 октомври 2025 година, италијанската престолнина беше домаќин на големиот меѓурелигиски и мировен собир „Osare la pace“ („Да се осмелиме за мир“) во организација на Заедницата „Сант’Еџидио“, позната по својата посветеност на дијалогот меѓу религиите и хуманитарната мисија во повеќе од седумдесет земји. Настанот се одржува од 1986 година, и продолжува да ги обединува различните верски и културни традиции околу истата надеж – мир во светот.

Свеченото отворање се одржа на 26 октомври, во присуство на италијанскиот претседател Серџо Матарела, претставници на Европската унија и бројни верски водачи – меѓу нив и претставници на Римокатоличката Црква, Православните Цркви, муслимански, еврејски и будистички заедници. Во својот поздравен говор, претседателот Матарела истакна дека „осмелувањето на мир е чин на вера и одговорност, кој бара гласот на совеста да биде посилен од гласот на оружјето“.

Во текот на трите дена се одржаа повеќе од дваесет тематски форуми. Со благослов на Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус Кирил, Руската Православна Црква на настанот ја претставуваше претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија митрополитот Волоколамски Антониј.

На настанот учествуваше и Неговата Светост Патријархот Александриски и на цела Африка г.г. Теодор, кој имаше свое воведно обраќање на десеттиот форум на тема „Повторно откривање на патот кон христијанското единство“.

На истиот форум свое излагање имаше Блаженејшиот Архиепископ Албански г.г. Јован, кој во својот говор, помеѓу останатото, истакна:

„Вистинската храброст за мир и повторното откривање на патот кон христијанското единство денес не значи да проектираме некакво ново обединување, засновано само на човечки напори или на обид за создавање нов Вавилон, туку да се осмелиме повторно да Го поставиме Бог во центарот на нашите животи. Единството што го бараме не е само човечко достигнување, туку божествен дар. Тоа доаѓа кога ги отвораме нашите срца за Неговата благодат, кога стануваме орудија на Неговата љубов, кога Му дозволуваме на Светиот Дух да нѐ преобрази — од разделени поединци во членови на едното Тело Христово. Да признаеме дека Тој е Господ и дека без Него не можеме да направиме ништо. ’Зашто без Мене не можете да направите ништо’ (Јн. 15, 5).“

На затворањето на меѓународниот собир „Osare la pace“ (Да се осмелиме на мир), беше објавен „Апел за мир 2025“, силен повик за дијалог и соработка меѓу народите. Во текстот на апелот, учесниците нагласуваат дека „секој војна го остава светот полош отколку што го затекнала“ и ја нарекуваат „неуспех на политиката и на човештвото, предавање пред злото“. Тие упатуваат повик за „промена на парадигмата“, во која во центарот ќе стои човечкото заедништво, барајќи дијалогот и дипломатијата да ја заменат логиката на силата и вооружувањето.

Апелот ја осудува „глобализацијата без душа“, која ги продлабочила поделбите меѓу народите и ги оживеала национализмите и етничките омрази, нагласувајќи дека различните религии имаат заедничка мисија — да ја негуваат љубовта, мудроста и простувањето како единствен пат кон заедничкиот живот.

На крајот, од историското средиште на Рим беше упатена силна порака: „Ниту една војна не е света, само мирот е свет. Бог нека му го подари на светот најскапоцениот дар — мирот.“

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1KAuM9ZEty/ и https://mospat.ru/ru/news/93699/