Меѓународна академска афирмација на Православниот богословски факултет во Скопје

Во текот на летниот семестар од академската 2025/2026 година, на покана на Универзитетот во Мачерата (Италија), д-р Марија Гиревска, професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, реализираше дванаесетнеделен престој како визитинг професор на Катедрата за хуманистички науки.

Во рамките на престојот, д-р Гиревска одржа предавања, семинари и работилници на додипломските и последипломските студии, активно учествуваше во научноистражувачката работа на Универзитетот и оствари бројни средби со професори, истражувачи и студенти. Универзитетот во Мачерата, основан во 1290 година, е еден од најстарите и најреномираните универзитети во Европа – известува Православниот богословски факултет – Скопје.

Значајно е што, во рамките на програмата за мобилност на меѓународни професори и истражувачи, д-р Гиревска е првиот академски претставник од Македонија кој учествува во оваа иницијатива. Ова претставува меѓународно признание и придонес кон афирмацијата на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на македонската академска заедница.

Стекнатото научно-наставно искуство, воспоставените меѓународни партнерства и иницираните заеднички проекти со Универзитетот во Мачерата претставуваат цврста основа за понатамошно унапредување на академската размена, научноистражувачката соработка и интернационализацијата на високото образование – се вели во известувањето од факултетот.

Извор: https://pbf.edu.mk/меѓународна-академска-афирмација-на/