Во италијанскиот град Асизи, од 25 до 27 октомври, се одржа меѓурелигискиот форум „Молитва за мир“, во организација на римокатоличката заедница „Свети Егидиј“. Форумот годинава беше посветен на темата „Мир без оружје и разоружувачки мир“ и собра претставници на различни христијански цркви и верски заедници.
Меѓу учесниците беше и претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј, кој учествуваше со благослов на патријархот Московски и на сета Рус Кирил.
На свеченото отворање беше прочитана поздравната порака од претседателот на Италија, Серџо Матарела, а на присутните им се обратија основачот на Заедницата „Свети Егидиј“, Андреа Рикарди, главниот рабин на Франција, Хаим Корсија, и кардиналот Матео Ѕупи, претседател на Италијанската бискупска конференција.
Во рамките на форумот, митрополитот Антониј оствари средби со архиепископот Тирански и на цела Албанија Јован, католикосот-патријарх на Асирската Црква на Истокот Мар Ава III, кардиналот Ѕупи, како и со претставници на Антиохиската и Романската патријаршија и на Светскиот совет на црквите.
На 27 октомври, на плоштадот пред базиликата „Свети Франциск“ во Асизи, се одржа завршната церемонија, на која беше емитувано и видеообраќање од римскиот папа Лав XIV.
Особено место на собирот имаше Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, кој на 27 октомври учествуваше како почесен гостин и го одржа главното излагање на меѓународната конференција, на француски јазик, на тема „Вселенската патријаршија: од Истокот кон глобализираниот свет“.
Попладнето, тој го одржа и духовното слово за време на заедничката молитва на христијанските поглавари за мир, во базиликата „Свети Франциск“. Потоа, заедно со претставниците на другите религии, кои претходно одржаа молитви според своите верски традиции на различни места во градот, учествуваше на завршната церемонија на меѓународниот собир.

















Извор: https://ec-patr.org/28/10/09/07/o-oikoymenikos-patriarchis-stin-syna/ и https://mospat.ru/ru/news/94673/
