Меѓурелигискиот совет ги осуди изјавите за формирање „Босанска Православна Црква“

Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина соопшти дека физичкото лице Мустафа Цериќ си зема за право да предлага, па дури и да сугерира начини на уредување и организирање на црквите и верските заедници, што го оцени како злонамерна и неодговорна изјава на поединец. Мустафа Цериќ, кој е поранешен поглавар на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, пред неколку дена изјави дека предлага воспоставување нова верска заедница која би се викала „Босанска православна црква“.

Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина смета дека ваквите јавни настапи, изнесени со очигледна намера, придонесуваат за создавање и продлабочување на недоверба и за нарушување на меѓурелигиските односи.

„Цериќ учествуваше во основањето на Меѓурелигискиот совет и се очекува да не изнесува вакви ставови“ – порачаа од Меѓурелигискиот совет.

Тие го осудија секој напад врз заедничките вредности и ги повикаа сите општествени чинители јасно да се оградат од злонамерните и неодговорни сугестии и изјави на поединци. Особено беше нагласено дека ваквите изјави на никаков начин не ги одразуваат ставовите на која било црква или верска заедница поединечно, ниту ставот на Меѓурелигискиот совет.

Познато е, додаваат тие, дека Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина делува како заедничка платформа на црквите и верските заедници, кои со своите континуирани и афирмативни активности градат односи на заемно почитување и доверба меѓу луѓето, без оглед на нивниот светоглед и верска припадност.

Меѓурелигискиот совет, како што наведоа, своето дејствување го темели врз почитување на особеностите на секоја црква и верска заедница, како и врз заеднички ангажман во служба на општото добро.

Извор: https://euronews.ba/bosna-i-hercegovina/aktuelno/47671/medureligijsko-vijece-osudilo-izjave-mustafe-cerica