Меѓурелигискиот Совет на Албанија за нацрт-законот за еднаквост на половите

Верските заедници во Албанија ја ценат важноста на еднаквоста во општествената интеграција и избегнувањето на дискриминацијата, бидејќи тоа го одразува еднаквото достоинство што сите луѓе го имаат пред Бога.

Поттикнат од овие начела и врз основа на своите статутарни права, Меѓурелигискиот совет на Албанија, составен од пет верски заедници: Муслиманската заедница на Албанија, Православната автокефална црква на Албанија, Собранието на римокатолички епископи на Албанија, Светскиот центар на Бектешите и  Евангелската братска заедница на Албанија, откако го прочита нацрт-законот „За еднаквост на половите“, на 23 септември 2025 година, свика седница заедно со работна група одобрена од петте верски заедници, составена од стручни лица од различни области.

Раководителите и лидерите на сите верски заедници ја изразија својата загриженост во врска со одредени членови и дефиниции во нацрт-законот, кои доаѓаат во судир со теолошките начела и традицијата на албанското семејство. Посебно, дефиницијата на поимот „пол“ како концепт што ги опфаќа сите, употребата на поимите „родов идентитет“, „родов израз“, како и сите други членови што се однесуваат на тоа, создаваат правна нејасност и простор за погрешни толкувања.

Два пола: Машко – Женско

Како што се наведува во соопштението за јавност на Советот, верските заедници ја нагласуваат важноста на традиционалното семејство кое се темели на два биолошки пола: машко и женско. Поради тоа тие бараат да се прецизира дефиницијата на поимот „пол“ во нацрт-законот, поврзувајќи го јасно со полот што се утврдува при раѓање – маж, жена, девојка, момче – во согласност со начелата на еднаквост и недискриминација.

Верските заедници отсекогаш ги поддржувале напорите на Албанија за усогласување на законодавството со директивите на Европската Унија. Традиционалното признавање на два пола не претставува пречка за овој процес – факт што се одразува и во практиките на повеќето земји-членки на ЕУ, кои и понатаму користат бинарна дефиниција на машко-женско.

Со желба овие грижи да бидат земени предвид од одговорните институции, Меѓурелигискиот Совет ја потврдува својата посветеност на дијалог и соработка за изградба на праведно, еднакво и безбедно општество за новите генерации, вкоренето во верата во Бога.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_albanias/to-diathriskeiako-symvoulio-tis-alvanias-gia-to-sxedio-nomou-peri-tis-isotitas-ton-fylon/