Апелациониот суд на Кипар едногласно ја поништи ослободителната пресуда во корист на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Неофит од Морфу (од Црквата на Кипар) и наложи повторно судење пред друг судија на Окружниот суд во Никозија, кое треба да се одржи што е можно поскоро.
Случајот се однесува на настаните од 2 и 6 јануари 2021 година, кога, за време на ограничувањата поради КОВИД-19, митрополитот Неофит ги повикал верниците на две богослужби да се упатат кон реката Каркотис за осветување на водите на Богојавление. Со него се собрале стотици луѓе за чинот на осветување. Истиот ден му била изречена парична казна, но тој одбил да ја плати.
На 4 април 2023 година, Окружниот суд во Никозија го ослободи од сите обвиненија, оценувајќи дека неговите постапки претставуваат законски дозволено остварување на верската слобода, односно дека неговиот повик до верниците да присуствуваат на осветувањето не претставува поттикнување на кривично дело преку учество во незаконски јавен собир.
Но, апелациониот суд, прифаќајќи ги во целост аргументите на јавниот обвинител, утврди дека понискиот суд погрешно го оквалификувал случајот како заштитена верска практика, пренесува агенцијата „Ортодоксија“.
Апелациониот суд истакна дека зборовите на митрополитот Неофит во неговото обраќање на 2 јануари јасно покажуваат дека бил свесен оти дејствието не е дозволено и дека носи казна, како и дека неговото охрабрување никој да не отсуствува претставува очигледно поттикнување во вообичаена смисла на зборот, без повикување на почитување на важечките закони или одлуки. Со оглед на тоа што случајот се однесува на прашања од јавното здравје, Апелациониот суд оцени дека интересите на правдата бараат повторно судење.
Ова не е прв случај во кој митрополитот Неофит се соочува со правна постапка во врска со мерките за КОВИД-19. Во 2020 година, полицијата ја прекина неговата богослужба на Цветници, што доведе до истрага. Сепак, подоцна јавниот обвинител утврди дека тој не ги прекршил карантинските мерки со одржувањето на службата и не беа покренати обвиненија.
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_kiprou/ι-μ-μόρφου/apo-athoosi-se-nea-diki-o-morfou-neofytos-gia-ypothesi-paraviasis-metron-stin-pandimia/ преку: https://orthochristian.com/176652.html
