Со завршувањето на 2025 година според граѓанскиот календар, уредништвото на порталот „Литургија.мк“ ги прегледа содржините кои предизвикаа најголем интерес кај читателите во текот на изминатата година. Читателскиот интерес во овој контекст е одреден според бројот на читања на објавите, како на самиот интернет сајт на порталот, така и на објавите на официјалната страна на „Литургија.мк“ на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Најчитани содржини на порталот
Во 2025 година убедливо најголем читателски интерес на интернет порталот на „Литургија.мк“ привлекоа вестите поврзани со изборот и ракополагањето на новиот Митрополит Дебарско-кичевски, г. Георгиј. Читателите во голем број ги следеа сите објави: од известувањето за чинот на монашењето, ракополагањата во ѓаконски и свештенички чин, соопштението од Светиот архијерејски синод за едногласниот избор на Митрополит Дебарско-кичевски, до настаните поврзани со епископската хиротонија на владиката Георгиј, како и текстот „Георгиј – гласот на тивките, чувар на канонот“.
Веднаш потоа, на листата на најчитани се најдоа вестите поврзани со отец Серафим: ракопроизведувањето на игуменот Серафим во архимандритски чин, неговите предавања низ Австралија, вестите за служењето помен на Албанскиот Архиепископ во Тирана и за службата на погребението на игуманијата Салафаила во Србија.
Според бројот на прегледи, следна тема која предизвика голем читателски интерес е веста за изведбата на 136-от псалм на македонски јазик од страна на познатата романска пејачка Марија Коман.
Следно се вестите поврзани со трагедијата во Кочани: Синодското соопштение и веста за средбата на Српскиот Патријарх Порфириј со родителите на децата кои се лекуваат во Србија по тешката несреќа.
На петто место се вестите поврзани со озаконувањето на браковите на истополови двојки и дозволување да посвојуваат деца во Грција, особено реакцијата на светогорскиот манастир Дохијар: „Нашата совест не поднесува да го пречекуваме со биење на камбани оној што ги разурна темелите на семејството“.
Што беше најпопуларно на Фејсбук?
Според бројот на прегледи на објавите на официјалната страница на „Литургија.мк“ на социјалната мрежа „Фејсбук“, листата на најпопуларни теми во 2025 година изгледа малку поинаку.
Секако на прво место остануваат објавите поврзани со изборот и ракополагањето на новиот Митрополит Дебарско-кичевски, особено официјалното соопштение за изборот од Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Втора тема која предизвика голем интерес на читателите е Писмото на претепаниот свештеник од Черновци, од Украинската Православна Црква до Патријархот Вартоломеј, со наслов „Нашата крв е на Вашата совест“.
Потоа следуваат вестите поврзани со отец Серафим, од кои се истакнуваат: предавањата во Австралија и интервјуто за романското списание „Фамилиа Ортодокса“, со наслов „Духот на вистината не ја остава Црквата без утеха“.
Следно е видеото и веста за изведбата на 136-от псалм на македонски јазик од страна на романската пејачка Марија Коман.
Веднаш потоа е известувањето за признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква од страна на Православната Црква во Америка.
Неизбежно, помеѓу вестите кои предизвикаа најголем читателски интерес се известувањата за трагедијата во Кочани, особено соопштението со сочувството од Светиот Синод.
Порака од уредништвото
Уредништвото на порталот „Литургија.мк“ им се заблагодарува на сите свои соработници за доставените материјали, и на сите свои читатели за укажаната доверба и поддршка.
