„Киевската патријаршија“ во изминатиот период објави повеќе активности поврзани со проширување на своето присуство во Европа, примајќи парохии, манастири и свештенослужители во Шпанија, Грција и Чешката Република, додека истовремено упати остри обвинувања кон ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) и кон самата Цариградска Патријаршија.
Парохија во Шпанија премина од Цариградска Патријаршија во УПЦ-КП
На 7 мај 2026 година, поглаварот на „Украинската Православна Црква – Киевска Патријаршија“ (УПЦ-КП) Никодим потпишал указ за прием во составот на УПЦ-КП на заедницата „Христос Спасител“ во шпанскиот град Денија. Парохијата претходно се наоѓала под јурисдикција на Цариградската Патријаршија.
Одлуката за промена на јурисдикцијата парохискиот совет ја донел на своето собрание на 26 април 2026 година. Во официјалното обраќање до УПЦ-КП, претставниците на заедницата изјавиле дека го признаваат Никодим за „патријарх Киевски и на цела Рус-Украина“. Молбата е потпишана од претседателката на парохискиот совет, Елена Петровна, а верниците се обврзале „да покажуваат должно послушание кон црковното раководство и сестрано да придонесуваат за развојот на Киевската патријаршија“.
Претходно, на Фејсбук страницата на парохијата биле објавени фотографии од посетата на митрополитот Шпански и Португалски Висарион на заедницата.
Основање на Грчка епархија
Неколку дена претходно, на 2 мај 2026 година УПЦ-КП извести за создавање на Грчка епархија во рамките на УПЦ-КП. За управител на епархијата го назначил „архиепископот“ Јаков Јанакис, определувајќи му ја должноста „управител на епархијата на Украинската Православна Црква – Киевска Патријаршија во Грција“ со титула „Симферополски и Евпаториски“. Во епархијата влегле: игуменот и монасите на манастирот „Панагија Глифокилуса“ во Кератеа, настојателот и клириците на храмот „Свети Терапонт“ во Ано-Лиосија, храмот на преподобен Пајсиј и храмот „Живоносен Источник“ во Атика, како и храмот „Свети Козма Етолски“.
„Чекор по чекор ја утврдуваме Киевската Патријаршија!“ – напишал Никодим.
Основање на викаријат во Чешка
Паралелно со тоа, УПЦ-КП започна и организирање на свои структури во Чешката Република. На 25 април 2026 година, претставници на УПЦ-КП назначиле „епископ“ за парохиите во Чешката Република. Како што јавува Сојузот на православни журналисти во Чешка и Словачка, нов „патријаршиски викар“ во градот Теплице станал „архимандритот“ Евгениј Сигизмунд Фрајман. Следниот ден, на 26 април, Фрајман бил „ракоположен за епископ Теплички“. Чинот го извршиле „патријархот“ Никодим и „епископот Борисполски“ Евгениј. Самиот Фрајман е настојател на манастирот „Свети Константин и Елена“ во Теплице, кој претходно влегол во составот на Киевската патријаршија.
Да потсетиме дека на 16 април Никодим прими под своја јурисдикција група лица кои дејствуваат во Чешка. Претставниците на заедниците поднеле соодветни барања во кои го признале како свој поглавар. Членовите на ова здружение го образложиле својот премин со желбата украинската дијаспора да го зачува единството со УПЦ-КП.
Сепак, дејноста на оваа група во Чешката Република се соочува со правни и канонски пречки. Во регистарот на Министерството за култура на Чешка, каде што се евидентирани регистрираните верски заедници, нема запис за УПЦ-КП.
„Денисенко одби да се причести од клирици на ПЦУ“
Истовремено, УПЦ-КП упати низа обвинувања против ПЦУ и Цариградската Патријаршија. УПЦ-КП ја нарекува ПЦУ „структура без канонско преемство“ и ја обвини за насилно одземање на имот и за изолација на Филарет Денисенко пред неговата смрт. На 21 април 2026 година, прес-службата на УПЦ КП објавила официјално обраќање до верниците, во кое дава своја оценка за дејноста на ПЦУ, нарекувајќи ја „нова структура која нема канонско преемство и е целосно зависна од Фанар“.
Според мислењето на претставниците на организацијата, резултатот од обединувачките процеси во 2018 година бил „катастрофален“ за украинскиот раскол, бидејќи бил заснован врз измама.
Во обраќањето се тврди дека Цариградската Патријаршија го принудила Филарет Денисенко да потпише фиктивна одлука за „самораспуштање“ на УПЦ-КП, која, според уставот на организацијата, нема правна сила. Набргу потоа, ПЦУ започнала насилни преземања на имотот на Киевската патријаршија, што довело до долготраен внатрешен конфликт меѓу двете расколнички групи.
Посебно внимание во обраќањето им е посветено на последните години од животот на Филарет Денисенко, кои авторите на текстот ги нарекуваат период на присилна изолација. Во Киевската патријаршија изјавиле дека крвните роднини на Филарет влегле во договор со раководството на ПЦУ и насилно го задржувале во Михајловскиот манастир за да создадат привид на „помирување“.
Освен тоа, претставниците на УПЦ-КП тврдат дека пред смртта Филарет станал свесен за предавството на своите соборци и, додека се наоѓал во болница, одбил да се причести од рацете на клирици на ПЦУ.
Според авторите на соопштението, заканите со „црковни судови“ и санкции од страна на ПЦУ немаат никаква канонска сила, бидејќи ПЦУ нема законска јурисдикција над територијата на Украина.





