Римскиот папа Лав XIV се сретна со раководителите на германскиот автомобилски производител „Мерцедес-Бенц“, по повод специјалната изложба „Еден век на папамобилот“, посветена на стогодишнината од првиот автомобил наменет за папата. Средбата се одржа на 28 октомври 2026 година, пред Генералната аудиенција во Ватикан.
Папата им се заблагодари на раководителите на компанијата, како и на многуте генерации дизајнери, инженери и работници, за долгогодишната соработка со Светиот Престол. Првиот автомобил „Мерцедес-Бенц“ за папата Пиј XI бил испорачан во 1930 година.
Осврнувајќи се на историјата на папамобилот, папата Лав XIV истакна дека тој еволуирал од обично превозно средство во „средство за средба“, овозможувајќи им на римските папи да бидат поблиску до верниците за време на нивните пастирски посети.
„На тој начин, вашата работа придонесе за мисијата на Црквата да им се приближува на луѓето и да ја пренесува пораката на верата, надежта и милосрдието во светот“, им рече папата на претставниците на компанијата.
Тој посебно ја истакна и грижата изразена преку подарокот на првиот целосно електричен папамобил, што „Мерцедес-Бенц“ му го подари на папата Франциск пред почетокот на Јубилејот на надежта во 2025 година.
Потсетувајќи на повикот на својот претходник автомобилската индустрија да работи на создавање навистина одржлива и достапна мобилност, папата Лав XIV ги охрабри претставниците на компанијата „да продолжат да ги ставаат технолошките иновации во служба на човечкото достоинство, грижата за созданието и општото добро“.
Извор: https://www.vaticannews.va/mk/pope/news/2026-10/16732.html
