Пастор меѓу 10 убиени христијани во централна Нигерија

Пасторот Симон Нбач во Анвуле, сојузната држава Бенуе, Нигерија, беше убиен од сточари Фулани на 3 ноември 2025 година. На тој ден, сточари Фулани убија најмалку 10 христијани, меѓу кои и еден пентикосталски пастор.

Пасторот Симон Нбач и другите христијани беа масакрирани во нападот врз селото Анвуле Оглеву во округот Охимини, додека земјоделците работеа на нивите – велат жителите. Напаѓачите, исто така, запалиле католички храм и разурнале десетици домови.

„Телото на пасторот беше пронајдено, заедно со уште две тела на други христијани — Адоија Еџигаи и Еже Локо,“ изјави жителот на областа, Касмир Еигеге. „Досега се потврдени 10 убиени христијани, а уште еден христијанин е киднапиран од сточарите.“ Еигеге ги идентификуваше напаѓачите како сточари Фулани.

Друг жител, Пол Версима, изјави дека нападот траел до 5 часот попладне во вторникот (4 ноември) и потврди дека најмалку 10 христијани се убиени. „Најмалку 10 христијани се убиени, а уште неколку се водат како исчезнати, по бруталниот напад на сточарите Фулани врз заедницата Анвуле во округот Охимини,“ рече Версима. „За време на нападот, сточарите предизвикаа масовно насилство врз христијаните. Тие запалија многу куќи, вклучително и богослужбената зграда на Католичката црква.“

Сточарите Фулани, кои бројат милиони низ Нигерија и Сахел, се претежно муслимани и содржат стотици кланови од различни родови. Мнозинството не поддржува екстремистичка идеологија, но некои следат радикална исламистичка идеологија, наведува британската Парламентарна група за меѓународна слобода на вероисповед во својот извештај од 2020 година. „Тие применуваат стратегија слична на Боко Харам и покажуваат јасна намера да ги таргетираат христијаните и симболите на христијанскиот идентитет“ – стои во извештајот.

Христијанските водачи во Нигерија велат дека нападите на сточарите врз христијанските заедници во централниот појас на земјата се мотивирани од желбата да ја преземат земјата на христијаните и да го наметнат исламот, бидејќи ширењето на пустината им го отежнува одгледувањето стока.

Нигерија останува едно од најопасните места во светот за христијаните, според известувањата на организацаијата „Опен дорс“. Од 4.476 убиени христијани во светот во известувачкиот период, 3.100 (69%) биле убиени во Нигерија. „Степенот на антихристијанско насилство во земјата веќе е на максимално можно ниво“ – стои во извештајот.

Во северно-централниот регион, каде што христијаните се побројни отколку во североистокот и северозападот, екстремистички милитанти Фулани напаѓаат земјоделски заедници, убивајќи стотици, најчесто христијани. Џихадистички групи како Боко Харам и нејзиниот огранок, Исламската држава во Западна Африка, исто така се активни во северните држави, каде што контролата на федералната влада е слаба, а христијаните продолжуваат да бидат цел на напади, сексуално насилство и убиства на контролни пунктови. Киднапирањата за откуп значително се зголемија последниве години.

Насилството се прошири и во јужните сојузни држави, а нова џихадистичка терористичка група, Лакурава, се појави на северозапад, вооружена со напредно оружје и радикална исламистичка идеологија.

Извор: https://www.christiandaily.com/news/pastor-among-10-christians-killed-by-herdsmen-in-central-nigeria и: https://www.opendoors.org/