На 1 април 2026 година, на официјалната веб-страница на ПЦУ (Православната Црква на Украина чиј томос за автокефалија беше доделен од Цариградската Патријаршија) беше објавен текст посветен на дејноста на тнр. Киевска Патријаршија (УПЦ-КП). Во текстот се наведува дека „не постои никакво посебно од Православната Црква на Украина верско здружение со назив ‘Украинска Православна Црква – Киевска Патријаршија’“. Потсетуваме дека при доделувањето на томосот УПЦ-КП беше главната фракција од која беше формирана ПЦУ. Набргу потоа, поглаварот на УПЦ-КП, Филарет, незадоволен од добиениот томос, се оддели и ја реоформи УПЦ-КП, на чие чело остана до својата смрт, како што известивме.
Во ПЦУ уверуваат дека членовите на УПЦ-КП „претставуваат самоволно собрание и подлежат на црковна осуда“. Коментирајќи ја личноста на новиот поглавар на УПЦ-КП, Никодим Кобзар, од ПЦУ изјавија дека тој „не е ниту архиереј, бидејќи поради својата дејност со која внел раскол во црковниот живот одамна му е забрането свештенослужење, а поради нови прекршоци подлежи на црковен суд“.
Во текстот исто така се наведува дека сегашните „архијереи“ на УПЦ-КП, Јоасаф Шибаев и Филарет Панку „со соборски суд на Православната Црква на Украина се лишени од свештениот чин и се обични монаси“. Исто така се истакнува дека сите оние кои скороупокоениот поглавар на УПЦ-КП Филарет ги ракоположил по 15 декември 2018 година во епископски чин ПЦУ „не ги признава, не ги признавала и нема да ги признава“ како архијереи.
„Соодветно на тоа, никој од оние лица кои се обидуваат да дејствуваат во името на УПЦ-КП, од канонска гледна точка не се архијереи, а дел од нив не се ниту свештенослужители“ – нагласуваат од ПЦУ, но не објаснуваат како го сметаат Филарет за канонски архијереј, а не му ги признаваат свештенодејствијата.
Во текстот се најавува дека храмовите и просториите на УПЦ-КП ќе ѝ бидат одземени на УПЦ-КП: „Патријаршиската резиденција во Киев премина под непосредно управување на Киевската Митрополија на ПЦУ и понатаму ќе се користи како едно од официјалните простории“; „во иднина Владимирскиот храм ќе ја врши, заедно со Михајловскиот Златоврвен храм, функцијата на соборен собор на Поглаварот на ПЦУ“. Се нагласува и дека „имињата на овие верски здруженија и нивните центри официјално се поврзани со Православната Црква на Украина како нејзини дополнителни официјални имиња, кои не можат да се користат од структури или лица кои не ѝ припаѓаат на ПЦУ и немаат нејзино одобрение“, со што се покажува намера со сите средства да се прекине постоењето на УПЦ-КП.
