Пензиониран пастор во Обединетото Кралство е суден за проповед во близина на клиника за абортус

Пензионираниот пастор Клајв Џонстон е гонет според законите за заштитни зони околу клиниките за абортус поради отворена проповед на стиховите на Евангелието според Јован (Јн. 3, 16), иако никогаш не спомнал абортус. 

76-годишниот Џонстон, поранешен претседател на Здружението на баптистички цркви во Ирска, се соочува со две обвиненија според Законот за безбедни пристапни зони за абортус услуги, бидејќи одржал богослужба на отворено, на работ на заштитната зона, на другата страна од автопатот, спроти болницата „Козвеј“ во Колерејн, Северна Ирска, на 7 јули минатата година. 

Законот го криминализира секој чин со кој луѓето во радиус од 100-150 метри од болници и клиники за абортус би можеле да бидат „попречени, снимени, под влијание или изложени на вознемирување, страв или вознемиреност“. На овој закон неодамна се осврна и Потпретседателот на САД, Ванс, во својот говор во Минхен, за што известивме.

Џонстон, кој бил пастор во неколку цркви во северозападниот дел на Ирска, е обвинет дека се обидел да „влијае“ врз луѓето кои пристапувале до абортус услугите во болницата и дека не ја напуштил областа веднаш кога тоа му било побарано од полицијата. Не е обвинет за попречување или вознемирување. 

Најважно, нема обвинение дека воопшто го спомнал абортусот, ниту пак имало било какви транспаренти или плакати на таа тема. 

На судењето Џонстон изјавил дека не е виновен. Доколку биде осуден, Џонстон, кој е дедо на седум внуци и никогаш претходно немал проблеми со законот, може да добие кривична евиденција и парична казна во износ од неколку илјади британски фунти.

Извор: https://www.christian.org.uk/case/clive-johnston/