По иницијатива на Рускиот Патријарх во Московската област е донесен закон за заштита на мајчинството и за спречување на абортуси

На 4 декември 2025 година Московското регионално собрание донесе регионален закон „За некои прашања од заштитата на здравјето на мајката и детето и за мерките за спречување на вештачки прекин на бременоста на територијата на Московската област“.

Разработката на овој закон ја иницираше Неговата Светост Патријархот Кирил, согласно низа соодветни резолуции на Светскиот руски народен собор, а документот е насочен „кон превенција на абортуси и сеопфатна поддршка на бремените жени“.

Се нагласува дека новиот закон предвидува „социјални и медицински мерки за создавање на средина која ќе придонесе за зачувување на бременоста и за зацврстување на традиционалните семејни вредности“.

– Донесувањето на овој закон претставува конкретен и навремен одговор на насоките на Неговата Светост Патријархот. Создавајќи центри за поддршка, државата ја презема улогата на заштитник на животот и помошник на жените што се нашле во кризна ситуација – изјави раководителот на Секретаријатот на Светскиот Руски народен собор, свештеник Василиј Лосев. – Вкупно 28 региони во Русија донесоа закони за забрана на наведување кон абортус. Меѓу нив, Московската област стана првиот субјект на Федерацијата кој презеде најобемни чекори, предвидувајќи на државно ниво толку комплексен систем на мерки за заштита на човечкиот живот и поддршка на мајчинството, што ги воплотува принципите за заштита на мајчинството и одговорноста за идните генерации утврдени во Уставот на Русија.

Отец Василиј изрази надеж дека ова искуство „ќе стане основа за понатамошна работа во оваа насока на федерално ниво“.

Од своја страна, претседателот на Московското регионално собрание, Игор Бринцалов, соопшти дека меѓу клучните одредби на новиот закон се: создавање центри за медицинско-социјална поддршка на бремените, воведување специјални говорни модули во работата на лекарите за формирање позитивен став кон раѓање на дете, задолжително информирање на жените за ризиците и последиците од абортусот за здравјето.

Исто така, според неговите зборови, во законот особено внимание се посветува на спречувањето на наведување кон абортус, под што се подразбираат убедување, поткуп или измама со цел прекин на бременоста.

Извор: https://foma.ru/po-inicziative-patriarha-kirilla-v-moskovskoj-oblasti-prinyat-zakon-o-zashhite-materinstva-i-po-preduprezhdeniyu-abortov.html