Архиепископот Кентербериски Џастин Велби (лево), Џон Смит (десно), монтажа: lbc.co.uk
Архиепископот Џастин Велби поднесе оставка откако независната ревизија заклучи дека адвокатот Џон Смит, соработник на Англиканската црква, можел да биде изведен пред лицето на правдата доколку Архиепископот Велби формално ги известел властите во 2013 година за неговите злосторства.
Адвокатот Џон Смит не е клирик на црквата, туку бил соработник на Англиканската црква во мисионерските дејности во Африка. Во 2017 година во јавноста се појавија обвиненија за неговото злоставување на деца, по што беше покрената истрага, меѓутоа тој се упокои во 2018 без воопшто да биде обвинет.
Најновата ревизија на Кит Макин, објавена на 7 ноември 2024 година заклучува дека доколку Архиепископот Велби формално ги известел властите за злоставувањата на Џон Смит во 2013 година, кога самиот дознал за тоа, судските процеси против злоставувачот би започнале порано.
Заради тоа, Архиепскопот Велби, од морални причини поднесе оставка на 12 ноември 2024 година. Тој достави и писмена изјава до јавноста, која во продолжение ја пренесуваме во целост.
„Откако побарав дозвола од Неговото Величество Кралот, одлучив да поднесам оставка како Архиепископ на Кентербери.
Ревизијата на Макин ја разоткри долгогодишната завера на молк за ужасните злоставувања на Џон Смит. Кога бев информиран во 2013 година и ми беше кажано дека полицијата е известена, погрешно верував дека ќе следи соодветна разрешница.
Многу е јасно дека морам да преземам лична и институционална одговорност за долгиот и трауматизирачки период помеѓу 2013 и 2024 година.
Моја должност е да ги почитувам моите уставни и црковни одговорности, па точниот тајминг ќе се одреди откако ќе заврши прегледот на потребните обврски, вклучувајќи ги и тие во Англија и во Англиканската заедница.
Се надевам дека оваа одлука јасно покажува колку сериозно Црквата на Англија ја сфаќа потребата од промени и нашата длабока посветеност кон создавање побезбедна црква. Се повлекувам со жалење за сите жртви кои доживеале злоставување.
Последниве денови го обновија моето долготрајно и длабоко чувство на срам поради историските пропусти во однос на заштитата од страна на Црквата на Англија. Скоро дванаесет години се борев за воведување подобрување. Другите ќе го оценат направеното.
Ги молам сите да ги имаат мојата сопруга Каролина и нашите деца во своите молитви. Тие беа мојата најважна поддршка за време на моето служење, и вечно сум благодарен за нивната жртва. Каролина ја водеше програмата за сопружници, за време на Ламбетската конференција и неуморно патуваше во подрачја на конфликти, поддржувајќи ги најранливите, жените и оние кои локално се грижат за нив.
Верувам дека повлекувањето е во најдобар интерес на Англиската црква, која длабоко ја сакам и чест ми беше да ѝ служам. Се молам оваа одлука да нè врати кон љубовта што Исус Христос ја има за секој од нас.
Над сè, мојата најдлабока посветеност е кон личноста на Исус Христос, мојот спасител и мојот Бог; кој ги понесе гревовите и бремињата на светот, и надежта за секој човек.“