По повод смртта на Римскиот папа Франциск многумина православни епископи изразија сочувство и присуствуваа на погребот. Но, сепак тоа не е сослужување во молитвениот чин, ниту пак ни е познато дека некој православен епископ служел Парастос за упокоениот папа, бидејќи во Православната Црква не се прават богослужби за оние кои не се дел од Црквата.
Но, заупокоена служба за покој на душата на Римскиот папа Франциск отслужи поглаварот на ПЦУ, новоформираната Православна Црква на Украина, чија автокефалија ја додели Цариградската Патријаршија и е призната од само уште 3 помесни цркви, Епифаниј, и тоа е објавено на официјалната интернет страница на ПЦУ. Во веста се вели:
„Митрополит Епифаниј отслужи молитва за покој на душата на новопочинатиот Папа Римски Франциск
Поглаварот на автокефалната Украинска Православна Црква, Блажениот Митрополит Епифаниј, на 21 април 2025 година во катедралниот храм Свети Михаил со Златни Куполи отслужи заупокоена литиска молитва за новопочинатиот Папа Римски Франциск, кој денес се пресели кај Господа.
Заедно со Блажениот Владика се молеа митрополитот на Белоцрковската епархија Евстратиј, архиепископот на Луганската и Старобилската епархија Лаврентиј, настојателот на Златокуполниот манастир архиепископот Вишгородски Агапит, епископот Богуславски Арсениј, настојателот на Свето-Успенската Киево-Печерска Лавра епископот Борисполски Авраамиј, чесното братство на манастирот и свештенството од главниот град.
Нека Господ ја упокои душата на Папата Римски Франциск во Своите обители, а нас нека нè помилува и спаси, зашто Тој е Благ и Човекољубив.“
