Покана до Доналд Трамп да ја посети Света Гора

Официјална покана до претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да ја посети Атонската држава, упати државниот управник на Света Гора, Алкивиадис Стефанис, како што објави во интервју за радиото „Параполитика 90,1“.

Позицијата на државен управник на Света Гора е државна функција при министерството за надворешни работи на Грција, преку која Грчката држава се грижи за одржување на светогорскиот поредок и јавниот ред и мир на Атос. Самото управување на монашката држава е во надлежност на светогорските манастири.

На 5 ноември 2025 година Света Гора ја посети Американецот со грчко потекло, заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајкл Ригас, кој пред неколку дена го посети и манастирот „Св. Екатерина на Синај“, каде што присуствуваше на востоличувањето на новиот Архиепископ Синајски Симеон. При посетата на Атонската држава, Ригас беше пречекан од Алкивиадис Стефанис во Кареја.

„Му реков на американскиот заменик-министер да ја пренесе официјалната покана на Света Гора до претседателот Трамп. Му се раширија очите, но мислам дека му беше драго и рече: ‘Се разбира, ќе го сторам тоа’“ – рече управникот на Света Гора во интервјуто.

„Имајќи ја предвид врската што претседателот Трамп ја создаде со Православието — било преку посетата на нашиот најсвет Патријарх, кога видовте како Патријархот ја пренесе пораката за Богословијата на Халки и како Трамп веднаш потоа ја пренесе истата порака на претседателот Ердоган, како и фактот што го прими Архиепископот Елпидофор и го прифати подарокот што му го даде — го гледам како човек кој ја сфаќа важноста на Света Гора. Сметам дека, во рамките не на својата лична вера, туку во контекст на своето разбирање на геостратегиската реалност, кога ќе дојде во Грција, ќе ја посети и Света Гора, разбирајќи ја нејзината значајност“ – изјави Стефанис.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/agioreitika/episimi-prosklisi-alkiviadi-stefani-ston-ntonalt-tramp-na-episkefthei-to-agion-oros/