Полицијата го опколи Владимирскиот храм во Киев и не ги пушта приврзаниците на УПЦ-КП

Во Владимирскиот храм во Киев, фактички се одвива насилно преземање на имотот на „Украинската Православна Црква – Киевска Патријаршија“ (УПЦ-КП) од страна на полицијата и претставници на ПЦУ (Православна Црква на Украина). За тоа во своето видеообраќање извести „архиепископот“ на УПЦ-КП Никодим. Повеќе за УПЦ-КП и ПЦУ прочитајте тука.

Според зборовите на Никодим, органите на редот целосно ја опколиле зградата и не им дозволуваат на клириците и архијереите да влезат на територијата на соборот. Главната цел на овие дејствија, според претставниците на УПЦ-КП, е обид да се спречи изборот на местобљустител на патријаршискиот престол по смртта на Филарет. Тој тврди дека приврзаниците на ПЦУ, во договор со роднините на починатиот, фактички го „киднапирале“ телото на Филарет и го пренеле во Михајловскиот Златоврв манастир.

„Тие, спротивно на неговата волја, на неговото завештание, кое беше потпишано од самиот патријарх и објавено на видео, сега се обидуваат да го присвојат телото и да го извршат опелото“, изјави Никодим. Според духовното завештание на Филарет, тој побарал да биде опеан токму во Владимирскиот храм, а погребниот чин да го извршат исклучиво архијереи на УПЦ-КП. Истовремено, иако Филарет беше поглавар на УПЦ-КП, ПЦУ сè уште го претставува како свој клирик на својата интернет страница.

Никодим соопшти дека во преземањето на храмот учествува и неговиот настојател, кој влегол во договор со претставници на ПЦУ, и нагласи дека ваквите методи на „обединување“ претставуваат сквернавење на споменот на починатиот.

„Сите вие гледате и сведочите какви насилни преземања на храмови и манастири се случуваат, како и тепање на верници од друга конфесија, која тие ја нарекуваат Московска патријаршија“, изјави Никодим, додавајќи дека иако неговата структура не ја споделува позицијата на Украинската Православна Црква, сепак категорично го осудува насилството. „Со вакви методи не се постигнува единство на Црквата“.

И покрај блокадата, во УПЦ-КП изјавуваат дека нивната структура „постоела, постои и ќе постои“.

Извор: https://spzh.eu/ru/news/91964-politsija-otsepila-vladimirskij-sobor-i-ne-puskaet-storonnikov-upts-kp