Во средата на 25 март 2026 година беше поставена првата жена на чело на Англиканската црква. Изборот на Сара Мулали за Архиепископ Кентербериски се одржа на 28 јануари годинава и беше проследен со реакции на противење, како што известивме.
На свеченоста во Кентербериската катедрала беа присутни и членови на кралското семејство, како и премиерот на Обединетото Кралство и претседателите на двата дома на парламентот.
Во својата прва проповед како архиепископ, Сара Мулали рече: „Кога се навраќам на мојот живот – на тинејџерката Сара, која ја положи својата вера во Бога и донесе одлука да Го следи Исус, никогаш не можев да ја замислам иднината што ме очекува, а особено не службата на која сега сум повикана.“
Сите 105 претходни Архиепископи на Кентербери биле мажи, почнувајќи од свети Августин во 597 година. На жените им беше дозволено да станат свештеници во Англиканската црква дури пред 32 години, во 1994 година. Некои традиционалисти во Црквата на Англија и во пошироката глобална Англиканска заедница и понатаму се спротивставуваат на идејата жените воопшто да бидат свештеници – известува Би Би Си.
На состанок претходно овој месец во главниот град на Нигерија, Абуџа, конзервативни свештеници се собраа за да изберат свој лидер што ќе го следат наместо Сара Мулали – руандскиот архиепископ Лоран Мбанда.
Сара Мулали станала христијанка на 16 години. Долги години работела како медицинска сестра. Има 63 години, мажена е и има 2 деца.






Честитки од Римскиот папа
Папата Лав XIV испрати порака до Сара Мулали, уверувајќи ја во своите молитви и повикувајќи „благодат, милост и мир… во вистина и љубов“. Во својата порака, Папата забележува дека службата што ѝ е доверена носи значајни одговорности. Тој истакнува дека ќе се моли да биде укрепена со мудрост и водена од Светиот Дух, црпејќи вдахновение од Марија, Богородица – пренесува „Ватикан њуз“.
Папата Лав XIV пишува дека единството кон кое се стремат христијаните е насочено кон проповедта на Христа, потсетувајќи на молитвата на Исус „за да поверува светот“.
Пораката на Папата беше прочитана во четврток, на 26 март, во Кентербериската катедралата, на крајот од заедничката молитвена служба на Сара Мулали и римокатоличкиот кардинал Курт Кох.

Извор: https://www.bbc.com/news/articles/c20356v74k7o и https://www.vaticannews.va/en/pope/news/2026-03/pope-leo-xiv-message-sarah-mullally-archb-canterbury.html
