Потпретседателот на САД со критика за криминализирањето на христијанската молитва во Обединетото Кралство

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Ванс, во своето излагање на Безбедносната конференција во Минхен, Германија, на 14 февруари годинава, ја изрази загриженоста заради назадувањето на верските слободи во Обединетото Кралство. Имено, тој се осврна на законските одредби кои санкционираат дури и приватна молитва, во себе, дури и во приватноста на сопствениот дом.

Во своето излагање истакна дека денес Европските земји отстапуваат од некои од фундаменталните вредности што ги делеле заедно со Соединетите Американски Држави, што е шокантно за американските уши.

Како пример за назадувањето на верските слободи, тој рече:

И можеби најзагрижувачки, гледам кон нашите многу драги пријатели во Обединетото Кралство, каде назадувањето од правата на совеста ги стави особено основните слободи на религиозните Британци на нишан. Пред нешто повеќе од две години, британската влада го обвини Адам Смит-Конор, 51-годишен физиотерапевт и воен ветеран, за „страшното злодело“ – што стоел 50 метри од клиника за абортус и тивко се молел три минути.

Не попречувал никого, не комуницирал со никого, само тивко се молел сам. Откако британските полицајци го забележале и побарале да знаат за што се моли, Адам едноставно одговорил дека тоа било за неродениот син што тој и неговата поранешна девојка го абортирале пред години.

Полицајците не биле трогнати. Адам бил прогласен за виновен за кршење на новиот закон на владата за заштитни зони, кој го криминализира тивкото молење и други дејствија што би можеле да влијаат врз одлуката на личноста во радиус од 200 метри од установа за абортуси. Тој беше осуден да плати илјадници фунти за судските трошоци на обвинителството.

Сега, би сакал да можам да кажам дека ова беше случајност, изолиран пример на лошо напишан закон спроведен врз еден поединец.

Но не, минатиот октомври, пред само неколку месеци, шкотската влада почна да испраќа писма до граѓаните чии куќи се наоѓаат во таканаречените зони за безбеден пристап, предупредувајќи ги дека дури и приватната молитва во нивните домови може да претставува кршење на законот. Природно, владата ги повика граѓаните да го пријават секој сограѓанин за кој се сомневаат дека е виновен за мисловен злостор. Во Британија и низ Европа, слободата на говор, се плашам, назадува.

Извор: https://www.youtube.com/watch?v=pCOsgfINdKg