Потврдена првата жена на чело на Англиканската црква

Со посебна церемонија на Потврда на изборот, одржана на 28 јануари во катедралата „Св. Павле“ во Лондон, Сара Мулали официјално беше потврдена за нов архиепископ на Кентербери, со што стана првата жена што застанува на чело на Англиканската црква.

Англиканската заедница, која брои околу 100 милиони верници во 165 земји, нема формален поглавар, но архиепископот на Кентербери традиционално се смета за нејзин духовен водач. Англиканската црква ги ракоположи првите жени за свештеници во 1994 година, а првата жена-епископ во 2015 година, што сегашниот избор го претставува како значајна пресвртница во нејзината понова историја.

Сепак, назначувањето на Мулали предизвика реакции и критики во делови од Англиканската заедница, особено меѓу конзервативните кругови. Глобалното англиканско движење „Гафкон“ оцени дека изборот е разединувачки, истакнувајќи дека значителен дел од англиканците ширум светот не го прифаќаат ракополагањето на жени за епископи. Дополнителни реакции предизвикаа и нејзините ставови во врска со благословувањето на истополови заедници.

Во текот на церемонијата беше соопштено дека не бил поднесен валиден приговор против нејзината потврда, по што Мулали ја положи заклетвата на верност кон британската круна и Англиската црква. Таа го наследува поранешниот архиепископ Џастин Велби, кој поднесе оставка во ноември 2024 година, по критиките поврзани со раководењето поврзано со случаи на злоупотреба во рамките на црковни институции.

Иако изборот е веќе правно потврден, завршниот чин на нејзиното стапување на должност ќе се одржи на 25 март во катедралата во Кентербери, кога Сара Мулали ќе биде свечено устоличена како епископ на Кентербериската епархија. Со тоа ќе започне и нејзиното јавно служење како архиепископ на Кентербери.

Дополнување (04.02.2026):

Во текот на церемонијата во моментот кога службеникот изјави дека „не е поднесен никаков приговор“, англиканскиот пастор Пол Вилијамсон, кој е во свештеничка служба од 1973 година, јасно и гласно извика: „Јас поднесов!“ Пасторот беше совладан од обезбедувањето и потоа изнесен од катедралата.

Овој јавен протест се случува во контекст на отворена криза на светското англиканство. Неколку провинции, особено во Африка и Азија, веќе соопштија дека повеќе не го признаваат духовниот авторитет на Кентербериската столица, осудувајќи доктринарни промени кои ги сметаат за неспоиви со библиската вера и англиканската традиција. Приматот на Кентербери, некогаш фактор на единство, денес сè повеќе се појавува како точка на раздор.

Во тој контекст, извикот во катедралата „Свети Павле“, а потоа неговото безмилосно замолчување, одекнува како симптом. Симптом на Црква во која несогласувањето повеќе не се расправа, туку брзо се неутрализира, и во која авторитетот се наметнува толку порешително колку што е повеќе оспоруван – известува францускиот христијански портал „Трибун Шретиен“.

Извор: https://apnews.com/article/sarah-mullally-archbishop-canterbury-anglican-church-women-3c20d119342265859835f4cbc45a2d55 и https://tribunechretienne.com/video-un-incident-tres-revelateur-et-un-mauvais-depart-pour-sarah-mullaly-nouvelle-archeveque-de-cantorbery/