Американскиот православен христијански апологет и автор Џеј Дајер неодамна гостуваше во емисија на Такер Карлсон, еден од најгледаните поткасти во САД, каде што во опширен разговор се осврна на теологијата, историјата и еклисиологијата на Православната Црква, како и на теми поврзани со Холивуд, глобализмот и геополитиката.
Дајер, кој пред околу десет години преминал во Православието, откако претходно бил калвинист, а потоа и традиционален римокатолик, изјави дека неговото духовно патување било поттикнато од темелното проучување на светите Отци на Црквата.
„Конечно дојдов во Православната Црква пред околу десет години“, рече тој. „Мислам дека најновите проблеми поврзани со Вториот ватикански собор и постватиканската теологија ме доведоа до прашањето: како да го усогласам тоа со она што знам дека го учело христијанството во првите илјада години.“
Голем дел од разговорот беше посветен на разликите меѓу православното богословие и протестантското и католичкото разбирање на спасението. Дајер направи јасна разлика меѓу православното учење за обожението – вистинско учество во Божјиот живот – и протестантскиот правен модел на оправдување. „Не станува збор само за промена на некаков правен статус“, рече тој. „Ние навистина учествуваме во самиот Божји живот.“ Тој го поврза протестантскиот пристап со средновековниот номинализам, тврдејќи дека учењето на Мартин Лутер за оправдување само преку верата се потпирало на филозофската рамка на Вилијам од Окам, според која нештата немаат реална природа или суштина.
Говорејќи за местото на Светото Писмо, Дајер објасни дека Православната Црква не ја гледа Библијата како самостојна книга за лична побожност. „Православната Црква се темели на идејата за апостолско преемство, Преданието – кое ги опфаќа житијата на светителите, богослужението, делата на светите Отци, каноните на Соборите – и Светото Писмо“, рече тој, додавајќи дека самиот библиски канон бил утврден преку литургиската практика.
Дајер зборуваше и за иконите, бранејќи ги од обвинувањата за идолопоклонство. Тој потсети на богатата симболика и украси во старозаветната Скинија и Ерусалимскиот храм, како и на богословската логика на Воплотувањето. „Иконографијата непосредно произлегува од Воплотувањето“, рече тој, „зашто Синот е образ на Отецот.“
Во однос на православното разбирање на последните времиња, Дајер го спореди ставот на Црквата со диспензационалистичката евангелистичка теологија. „Ние не веруваме дека Царството Божјо е одложено до крајот на светот“, рече тој. „Кога присуствувате на Божествената Литургија, тоа е Небото на земјата уште сега.“
Тој го посочи разрушувањето на Ерусалимскиот храм во 70 година по Христа како момент кога старозаветниот праобразен поредок му отстапил место на своето исполнување во Црквата.
Разговорот опфати и теми како Византиската Империја, односот меѓу Црквата и државата, подемот на интернет-дебатите за верата како фактор за преминувањето во Православието во САД, како и книгата на Дајер „Езотеричен Холивуд“, во која се анализира религиската симболика во филмовите.
Дајер оцени дека зголемениот интерес за Православието во Соединетите Американски Држави во последните години делумно се должи на дебатите што се водат на интернет. „Тоа одигра огромна улога во порастот на бројот на луѓе кои преминуваат во Православието во последните пет, шест или седум години“, рече тој.
Целото интервју може да се погледне на следната видео снимка:

