На 16 декември 2025 година, во амфитеатарот на Факултетот за исламски науки во Скопје, се одржа панел-дискусија на тема „Улогата на религијата во мултикултурното општество“, во организација на Факултетот за исламски науки, Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи и Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
На настанот активно учество земаа професори и студенти на Православниот богословски факултет. Со свое обраќање се вклучи в.д. деканот на Факултетот, доцент д-р Илче Мицевски Игнат, кој во својот говор ја истакна важноста на меѓурелигискиот дијалог како суштинска компонента во градењето култура на мир, заемно почитување и одговорен соживот во современото општество. Тој нагласи дека теолошките факултети имаат посебна мисија во образувањето на младите генерации за вредностите на дијалогот, почитта кон другиот и сведочењето на верата преку љубов и одговорност.
Како панелист од редовите на Православниот богословски факултет учествуваше и проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ, кој во своето излагање ја нагласи потребата од интринзичка мотивација за учеството на верските заедници во меѓурелигискиот дијалог. „Потребна е внатрешна посветеност, која мотивите за дијалог ќе ги втемели врз сопствените верски системи, како и врз долговековната историја на активен соживот меѓу православните и муслиманите во Македонија“, истакна проф. Ѓорѓевиќ.
Панел-дискусијата се одвиваше во конструктивна и академска атмосфера, при што беа разменети ставови за улогата на религијата во јакнењето на општествените вредности, толеранцијата и соработката во мултикултурен контекст. Особено значајна беше и активната вклученост на студентите, кои со своите прашања придонесоа за продлабочување на дискусијата.
Настанот заврши со заклучок дека ваквите академски средби претставуваат важен чекор кон унапредување на меѓурелигиската соработка и заемното разбирање, во кои Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ продолжува активно и одговорно да учествува, сведочејќи ја својата образовна и општествена мисија.








Извор: https://pbf.edu.mk/професори-и-студенти-од-православнио/
