Прослава на денот на грчката независност во Белата Куќа: „Претседателе Трамп, ме потсетувате на Константин Велики“

На 24 март 2025 година, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Американски Елпидофор од Цариградската Патриајршиај беше пречекан од претседателот на САД Доналд Трамп во Белата куќа, за прослава на 25 март – денот на независноста на Грција.

Обраќајќи им се на претседателот и стотиците грчко-американски граѓани присутни на настанот, Архиепископот Елпидофор започна: „Господине Претседателе, пред сè, дозволете ми да ги упатам честитките од грчко-американската заедница по повод вашето повторно избирање за Претседател на нашата нација. Сите ние со нетрпение очекуваме светла иднина за сите Американци. Сакам исто така да ви се заблагодарам за создавањето на Канцеларијата за вера во Белата куќа, што ветува извонредна соработка помеѓу вашата администрација и верските лидери.“

Потоа истакна: „Господине Претседателе, особено ви благодариме за вашата посветеност кон христијанството и особено кон христијаните на Блискиот Исток, кои ја чуваат и развиваат христијанската вера во земјите на нејзиното потекло.“

„Преку вашето лидерство, вие ги претставувате вредностите на нашата христијанска вера и љубовта кон Евангелието. Ме потсетувате на големиот римски император Константин, кој го основа и изгради величествениот град Цариград – мојот роден град, познат денес како Истанбул“ – продолжи Неговото Високопреосвештенство и му подари на Претседателот Крст: „Голема чест ми е да ви го предадам овој Свет Крст, истиот симбол што му донесе победа на императорот Константин. Како што му беше откриено во видение: ‘Со ова победувај.’ Овој Крст е вечен симбол на мир и непобедлив трофеј, знак на божествена сила и водство. Со овој Крст, се молам да донесете мир во светот и да ја направите Америка непобедлива!“ 

Во своето обраќање, претседателот Доналд Трамп ги поздрави гостите во Белата куќа, нарекувајќи ги „вредни грчко-американски патриоти“ и оддаде признание на грчко-американските законодавци и членовите на неговата администрација кои беа присутни. Веднаш потоа, тој потпиша указ со која официјално се признава 25 март 2025 година како Ден на независноста на Грција во САД.

Прославата на денот на грчката независност во Белата куќа започна во 1987 година и стана традиција за секој претседател. Минатата година прием за Архиепископот Елпидофор приреди тогашниот претседател Бајден, кој во таа прилика ѝ се заблагодари на грчката заедница истакнувајќи дека благодарение на нивната поддршка тој бил избран за Сенатор, а подоцна и за Претседател на САД. На таа средба, за која известивме, Архиепископот Елпидофор му се заблагодари на Бајден и за поддршката на Украина, нешто што изостана во годинешното обраќање.

Како и минатата година, и оваа, говорот заврши со восклиците: „Да живее Америка, да живее грчкиот народ!“

Извор: https://www.goarch.org/-/white-house-celebrates-204th-anniversary-of-march-25-greek-independence-day