Во Тирана, на 5 и 6 декември 2025 година, се одржа Првиот меѓународен научен симпозиум „Албанија во византискиот период“. Настанот беше оценет како клучен чекор кон меѓународна научна афирмација на раната културна и духовна историја на регионот – известува интернет страницата на Православната Црква на Албанија.
Симпозиумот беше организиран од Албанската академија на науките, во соработка со Универзитетот во Тирана (Факултет за историја и филологија), Православната Црква на Албанија, Генералната дирекција на архивите и Албанското друштво за византиски студии, а претседател на Организацискиот одбор беше Анди Рембеци од Универзитетот во Тирана.
На собранието учествуваа околу 50 научници и универзитетски професори од Албанија, Косово, Грција, Кипар, Македонија, Италија, Шпанија, Австрија, Германија, Франција, Соединетите Американски Држави и други земји со силна традиција во византиските истражувања, создавајќи широка меѓународна платформа за научна соработка.
Свечено отворање и клучни обраќања
Свеченото отворање, кое го водеше проф. Паскал Мило, ја истакна важноста на симопзиумот како ново научно средиште за истражување на византиската историја на Албанија и соседните области. Претседателот на Албанската академија на науките, Скендер Ѓинуши, ја нагласи потребата од мултидисциплинарен пристап кон византискиот период, претставувајќи ја Албанија како простор на природна средба меѓу Истокот и Западот.
Претседателот на Меѓународната асоцијација за византиски студии, проф. Антонио Риго, ја истакна Албанија како недоволно истражено, но исклучително важно подрачје за византиската наука, нарекувајќи ја „вистинско научно богатство“.
Посебна тежина имаше обраќањето на Неговото Блаженство Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија г. Јован, кој истакна дека византиската епоха не е само историско минато, туку жива компонента на духовниот и културниот идентитет на народите во регионот. Тој ја нагласи улогата на Православната Црква како носител на духовна и културна континуитет од Илирик, преку Византија, до денес, со посебен осврт на зачувувањето на ракописите и црковните споменици.
Силно македонско научно присуство
Значајно и забележливо беше присуството на научници од Македонија, кои активно учествуваа во повеќе тематски сесии.
Во Втората сесија: „Византиска уметност и архитектура“, свој научен придонес даде Снежана Филипова од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, која понуди компаративна анализа на уметничките традиции на Македонија и Албанија, истакнувајќи ги заедничките културни и духовни текови во византискиот период.
Во Шестата сесија: „Духовно и културно наследство“, учествуваше Бобан Петровски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, кој говореше за црковните и еклисиолошките динамики во планинските области на Албанија и византиско-бугарските влијанија во 9–10 век, со јасни допирни точки со македонскиот црковно-историски простор.
Исто така, во рамките на истата сесија, Тони Филиповски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје одржа излагање за политичките, црковните и културните врски меѓу Берат и Охрид во средниот век, нагласувајќи ја улогата на Охрид како клучен духовен и културен центар на византискиот Балкан.
Изложба на византиски ракописи
Во рамките на симпозиумот, во просториите на Генералната дирекција на архивите беше отворена изложбата „Византиски и поствизантиски ракописи“, на која беше прикажан редок и исклучително вреден ракописен материјал. Изложбата ја истакна Албанија како важна врска меѓу Истокот и Западот во преносот на византиската писмена традиција, со јасни допирни точки со охридската и пошироката македонска ракописна школа.
Заклучоци и духовна завршница
Симпозиумот беше затворено со заклучно излагање на проф. Петер Шрајнер, кој го оцени настанот како најзначајната византинистичка конференција досега одржана во Албанија, истакнувајќи дека земјата претставува вистинско „Ел Дорадо“ за византиските ракописи и истражувања.
Како духовна и културна круна на научниот настан, на 6 декември во Културниот центар на Соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана беше одржан концерт на византиска музика, посветен на свети Јован Кукузел, со што беа истакнати длабоките врски меѓу византиската музичка традиција и поширокиот македонско-охридски културен простор.
Извор: https://orthodoxalbania.org/2020/el/2025/12/14/α΄-διεθνές-συνέδριο-η-αλβανία-στη-βυζ/
