Претседателот на Парламентот на Грузија, Шалва Папуашвили, изјави дека последните резолуции на Европскиот парламент и на Парламентарното собрание на Советот на Европа конечно ги преминале „црвените линии“ поставени од грузискиот народ и грубо ги нарушиле принципите на суверенитет и национална независност на Грузија.
Според неговите зборови, „во име на Европската Унија и под превезот на идејата за европска интеграција, Европскиот парламент всушност ја негираше независноста и суверенитетот, кои грузискиот народ ги извојува со борба и крв, и ја навреди самата идеја за грузиска државност“.
Како што истакна грузискиот претседател на Парламентот, резолуцијата на Европскиот парламент не е насочена само против демократските институции на Грузија.
„Таа директно го засега вториот историски столб на грузиската држава – Грузиската Православна Црква. Споменувањето на Црквата во извештајот во контекст на руските религиозни мрежи и операции за влијание претставува прв отворен напад од страна на официјална европска институција врз Грузиската Црква и ги навредува религиозните чувства на милиони верници. Покрај тоа, овој опасен преседан создава впечаток дека на Европскиот парламент, како и во други случаи, му било доверено прв да го испита теренот за вакви напади“ – изјави Шалва Папуашвили.
Папуашвили ја повикува Европската унија „да ја запре непријателската реторика кон грузискиот народ и Грузиската Црква; да стави крај на дезинформациите против демократски избраната влада на Грузија; целосно да го признае државниот суверенитет на Грузија и непоколебливо да ги почитува фундаменталните принципи на меѓународното право“.
