Резултати од средбата на Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог меѓу Православните и Лутеранците во Каиро

Од 24 до 31 мај 2024 година, во древниот манастир Свети Георгиј, во Каиро, Египет, се одржа 18 конференција на „Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог помеѓу Православната црква и Светската лутерантска федерација“. Домаќин на оваа конференција беше Александриската Патријаршија.

Оваа комисија е оформена во 1981 година, на иницијатива на тогашниот Цариградски Патријарх Димитриј. Првата средба со Светската лутеранска федерација беше одржана од 27 август до 4 септември 1981 година, во Еспоо, Финска.

На овогодинешната средба, Православната црква беше претставена од: Високопреосвештениот митрополитот на Крини г. Кирил (Цариградска патријаршија) – професор на Теолошкиот факултет во Атина, Високопреподобниот ѓакон Икумениј Аманатидис – потсекретар на Светиот Синод на Цариградската патријаршија, Високопреосвештениот митрополитот на Аксумија г. Петар (Александриска патријаршија), Високопреподобниот архимандрит Филип Хол (Антиохиска патријаршија), професор д-р Раде Кисиќ (Српска патријаршија), Пречесниот протојереј професор д-р Георгиј Звиададзе (Грузиска патријаршија), Високопреосвештениот митрополитот на Тамасос и Оринија г. Исаија (Црква на Кипар), Високопреосвештениот митрополитот на Перистери професор г. Григориј (Црква на Грција), г. Јержи Бетлејко (Полска православна црква), професор д-р Натан Хоп (Црква на Албанија), Пречесниот протојереј д-р Вацлав Јежек (Црква на Чешките земји и Словачка) и советниците: Пречесниот протојереј Стефан Хрисантос (Црква на Кипар) и Пречесниот протојереј професор д-р Димитриј Батрелос (Црква на Грција).

Светската лутеранска федерација ја претставуваа: Епископ д-р Јохан Шнајдер, пречесен професор д-р Дирк Г. Ланге (секретар на Светската лутерантска федерација), пречесна професорка д-р Стефани Дитрих (Црква на Норвешка), пречесна д-р Лалиса Д. Гемечис (Евангелска црква во Етиопија Мекане Јесус), д-р Марија Мункхолт Кристенсен (Евангелска лутеранска црква во Данска), пречесна д-р Хета Хурскаинен (Евангелска лутеранска црква во Финска), професор д-р Кенет Аполд (Евангелска лутеранска црква во Америка) и советниците: пречесна професорка д-р Џенифер Васмут (Евангелска лутеранска црква во Хановер, Германија) и пречесен професор д-р Бернд Обердорфер (Евангелска лутеранска црква во Баварија, Германија).

Средбата беше водена од Митрополитот на Крини професор г. Кирил (Цариградска патријаршија) и од Епископот д-р Јохан Шнајдер (Евангелска црква во Централна Германија). Пленарната седница се занимаваше со темата „Светиот Дух, Црква и Светот: Создавање, Човек и Спасение“ и ги заврши дискусиите и работите на оваа тема за пневматологијата и делото на Светиот Дух, кои започнаа во 2023 година.

Особено внимание беше посветено на темата на „Филиокве“ (латински: filioque, што значи „и од Синот“), односно на прашањето за исходењето на Светиот Дух. Додавањето на „Филиокве“ во Символот на верата од страна на Латинската црква е една од причините за разделувањето на Православната и Римокатоличката црква.

На крајот од конференцијата беше објавено следното заедничко соопштение:


Заедничка меѓународна комисија за теолошки дијалог помеѓу Светската лутеранска федерација и Православната црква

Ние, претставниците на Светската лутеранска федерација и Православната црква, се собравме во духот на љубовта и христијанското заедничарење да разговараме за прашањето што ја разделува Црквата, а тоа е исхoдењето на Светиот Дух. И двете страни ја потврдуваме целосната божественост и личноста на Светиот Дух, што беше изразено на различни начини во источната и западната традиција. Знаеме дека „Филиоквето“ беше вметнато во Никео-Цариградскиот Символ на верата од страна на Латинската црква како одговор на ереста на аријанизмот, векови по создавањето на Никео-Цариградскиот Символ на верата. Источната црква секогаш се противела на овој додаток. Како дел од латинската традиција, реформаторите го наследиле Символот на верата со „Филиокве“ и не го сметале за проблематичен. Ценејќи го овој древен и највисоко почитуван екуменски христијански текст, ние предлагаме да се користи преводот на грчкиот оригинал (без „Филиокве“) во надеж дека ова ќе придонесе за исцелување на вековните поделби помеѓу нашите заедници и ќе ни овозможи заедничко исповедање на верата на Вселенските собори во Никеја (325) и Константинопол (381).

Никео-Цариградскиот Символ на верата е догматска изјава што се користи во Литургијата. Народот Божји се моли со Никео-Цариградскиот Символ на верата и во таа молитва нивната вера е оформена од Троичниот Бог. Обновеното интересирање за оригиналниот текст на Никео-Цариградскиот Символ на верата може да поттикне обновено богословско размислување за Светата Троица и за Светиот Дух.

Понатаму, и двете страни потврдуваме дека во нашето учење за Светата Троица, Отецот е причината (αἴτiος) за раѓањето на Синот и за исхoдењето на Светиот Дух. Православните разбираат дека „Филиоквето“ често имало за цел да ја истакне врската помеѓу Синот и Духот, а Лутеранците се свесни дека во православната традиција Духот понекогаш се смета дека произлегува (ἐκπορευόμενον) преку Синот. Исто така, свесни сме дека постојат и други начини да се означи врската меѓу Синот и Духот. Се надеваме дека истражувањето на формулата „преку Синот“ користена од Максим Исповедникот, Јован Дамаскин и Тарасиј Цариградски, како и релевантните погледи на Григориј Кипариски и Григориј Палама, може да го олесни нашиот заеднички напор за постигнување на понатамошна согласност за исхoдењето на Светиот Дух.

27 мај 2024 година


Комисијата одлучи дека првата подготвителна средба за наредната, 19 пленарна седница, ќе се одржи од 11 до 14 ноември 2024 година во Грчкиот колеџ на Светиот Крст во Бостон, САД, под покровителство на Грчката православната архиепископија на Америка и Екуменскиот институт Хафингтон.

Извор: https://www.patriarchateofalexandria.com/peratosi-ton-ergasion-tis-diethnoys-miktis-epitropis-toy-theologikoy-dialogoy-metaxy-orthodoxoy-ekklisias-kai-pagkosmioy-loythiranikis-omospondias/ и https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_aleksandrias/i-3i-synantisi-tis-18is-olomeleias-tis-diethnous-miktis-epitropis-epi-tou-theologikou-dialogou-metaksy-orthodokson-kai-louthiranon-sto-kairo/