Во Апостолската палата во Ватикан, Римскиот папа Лав XIV на 28 јуни 2025 година, ја прими делегацијата на Цариградската патријаршија, која допатува во Рим по повод патрониот празник на светите апостоли Петар и Павле.
На чело на делегацијата на „сестринската Црква на Константинопол“, како што ја нарече Папата, е Високопреосвештениот Митрополит Халкидонски Емануил, во придружба на архимандритите Аетиј и Јероним.
Папата им испрати поздрав и благодарност на Цариградскиот патријарх Вартоломеј и го повика на продолжување на патот кон „воспоставување на целосното видливо општење“ меѓу Црквите: „Оваа цел може да се постигне само со Божја помош, преку постојана заложба за братски дијалог. Отворен сум за какви било предлози.“
Папата Лав XIV продолжува по патеката на своите претходници, продолжувајќи го дијалогот со „сестринската Црква на Константинопол“, кој го започнаа Папата Павле VI и Патријархот Атинагора, а беше зајакнат од Папата Франциск и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, со цел „воспоставување на целосното и видливо општење меѓу нашите Цркви“.
Во продолжение е целониот текст на обраќањето на Римскиот папа Лав XIV до членовите на делегацијата на Цариградската патријаршија.
Ваша Еминенцијо,
Драги браќа во Христа,
Со особена радост ве пречекувам за првпат по мојот избор за Епископ на Рим и наследник на апостол Петар – вас, делегацијата која ја претставува сестринската Црква на Константинопол, додека го славиме празникот на светите апостоли Петар и Павле, заштитници на Римската Црква. Ова традиционално разменување на делегации меѓу двете Цркви по повод нивните патрони празници е знак на веќе постојната длабока заедница меѓу нас и одраз на братската врска што ги обединува апостолите Петар и Андреј.
По векови на несогласувања и недоразбирања, обновувањето на автентичен дијалог меѓу сестринските Цркви на Рим и Константинопол стана возможно преку храбрите и пророчки чекори на Папата Павле VI и Вселенскиот Патријарх Атинагора. Нивните достојни наследници во Рим и Константинопол го продолжија истиот пат на помирување со убеденост, дополнително зајакнувајќи ги нашите односи. Во таа смисла, сакам да ја истакнам искрената близина што ја покажа Неговата Светост Патријарх Вартоломеј кон Католичката Црква со своето лично присуство на погребот на Папата Франциск, како и на инаугуративната литургија на мојот понтификат.
Додека со благодарност го спомнувам досегашниот пат, ви ја изразувам мојата цврста намера да продолжам со напорите за враќање на целосното видливо општење меѓу нашите Цркви. Оваа цел може да се постигне само со Божја помош, преку постојана заложба за взаемно почитување и братски дијалог. Затоа, отворен сум за какви било предлози, секогаш во консултација со моите браќа епископи од Католичката Црква, кои со мене ја споделуваат одговорноста за единството на Црквата (сп. Втор Ватикански Собор, догматска конституција Lumen gentium, 23).
Ваша Еминенцијо, драги браќа во Христос, многу сум ви благодарен за вашето присуство во Рим на оваа свечена пригода. Ве молам, пренесете го мојот срдечен поздрав до Патријархот Вартоломеј и членовите на Светиот Синод, заедно со мојата благодарност што и оваа година испратија делегација.
Нека застапништвото на светите апостоли Петар и Павле, на свети Андреј и на Пресвета Богородица, кои живеат вечно во совршено општење на светите, нè придружува и нè поддржува во нашата служба на Евангелието.
Благодарам!